1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп најавува чистка во државната администрација

Б. Георгиевски/ртр20 јули 2016

Доколку биде избран за претседател, републиканскиот кандидат Доналд Трамп ќе спроведе чистка на кадрите именувани од претседателот Барак Обама во сојузната влада. Ќе се бараат и законски измени

https://p.dw.com/p/1JSZE
Фотографија: Reuters/M. Segar

Крис Кристи, шефот на тимот на Доналд Трамп и актуелен гувернер на Њу Џерси најави дека кампањата на републиканскиот кандидат изработува листа на вработени во сојузната влада кои ќе треба да бидат отпуштени доколку Трамп биде избран за претседател на САД. За таа цел ќе се бара и од Конгресот да усвои закон со кој ќе се олесни отпуштањето во државната администрација.

„Како што знаете од неговата кариера, Доналд сака да отпушта луѓе“, изјавил Кристи на затворен состанок со донатори на Републиканската конвенција во Кливленд, од кој агенцијата Ројтерс добила аудио снимка и потврда од двајца од присутните. Кристи алудирал на улогата на Трамп во телевизиската серија „Почетник“ во која негова омилена фраза беше „Отпуштен си!“. Од кампањата на Трамп официјално не сакаат да ги коментираат информациите.

Советниците на Трамп стравуваат дека Обама би можел да го промени статусот на политички именуваните функционери во јавни службеници, со што ќе им обезбеди поголема сигурност на работното место. Тоа би им овозможило на овие луѓе да си ги задржат работните места и во новата, евентуална Републиканска, администрација, вели Кристи.

USA Vorwahlen Super Tuesday Trump Christie
Крис Кристи со Доналд ТрампФотографија: Reuters/C. Bergin

„Тоа се вика закопување. Ги префрлате од политички именувани во јавни службеници со цел да му ставите сопка на вашиот наследник. Нешто слично на она што луѓето на Клинтон го направија пред доаѓањето на Џорџ Буш во Белата Куќа“, вели Кристи.

Гувернерот притоа алудира на транзицијата меѓу Бил Клинтон и Џорџ Буш во 2001, кога дел од вработените во Белата Куќа од тастатурите на компјутерите ги ваделе буквите „W“ и оставале навредливи пораки во канцелариите, како што заклучи и извештајот на Државната сметководствена служба.

„На Доналд му препорачав веднаш да побараме од Конгресот, кој е под контрола на Републиканците, да гo сменат законот за државна служба. Доколку го сторат тоа, ќе биде многу полесно да се отпуштаат луѓе“, вели Кристи.

Засега нема коментар на ваквите најави од американскиот Синдикат на вработените во владините служби, најголем сојузен синдикат во САД.

Трамп е опасност за светот

Додека тимот на Трамп подготвува внатрешни чистки, низ светот не престануваат реакциите на неговото номинирање и можниот избор за претседател. Во пресрет на денешната посета на САД, шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер оцени дека Трамп е закана за светската и безбедноста на САД поради неговата „политика на страв и изолација“. Штајнмајер за Ројтерс изјави дека е загрижен поради контрадикторните изјави на Трамп дека „ќе ја направи Америка повторно силна“, додека во исто време ќе го намали нејзиниот ангажман низ светот.

Armenien Bundesaußenminister Frank-Walter Steinmeier
Штајнмајер: Трамп е опасност за светотФотографија: picture alliance/dpa/J. Woitas

„Политиката на страв и изолација ќе донесе помала безбедност, не поголема, и ќе биде опасна не само за САД, туку и за Европа и за остатокот од светот“, вели Штајнмајер.

Социјалдемократот Штајнмајер подолг период го критикува Трамп и отворено ја поддржува Хилари Клинтон како искусен надворешно-политички експерт.