Трамп се врати во Белата куќа
6 октомври 2020Американскиот претседател Доналд Трамп ја напушти воената болница Волтер Рид, северно од Вашингтон, рано вечерта по локално време. На насобраните новинари тој им покажа тупаница свиткана во знак на победа, а потоа со хеликоптер се врати во Белата куќа. Таму демонстративно ја симна маската која ја носеше дотогаш.
Трамп,според неговиот лекар Шон Конли, се’ уште не е сосема оздравен. Сепак, нагласи Конли, Трамп во Белата куќа ќе има постојано неопходна медицинска нега.
По заминувањето од болница, американскиот претседател ги повика луѓето да излегуваат и покрај пандемијата на коронавирус. Во видео објавено на Твитер, Трамп вели дека тие не смеат да дозволат вирусот да им го диктира животот. Истовремено, тој повика и на „внимателност“. Американскиот претседател на Твитер најави и дека наскоро ќе продолжи со предизборната кампања.
Трамп во болница помина само три дена. Неговото отпуштање во 18:30 часот по локално време го најави на Твитер и напиша: „Се чувствувам навистина добро! Не се плашете од Ковид.“ Во време на неговиот мандат биле развиени „некои навистина извонредни лековии сознанија“, напиша тој, додавајќи дека се чувствува „подобро отколку пред 20 години“.
Тоа веднаш предизвика реакции кај опозициските Демократи и на социјалните мрежи. Предизвикувачот на Трамп, Џо Бајден, го повика Претседателот со ваквите негови изјави да им се обрати на повеќе од 200.000 семејства кои загубиле член од семејството поради болеста. Демократскиот сенатор Џеф Меркли оцени дека „продолжуваат ужасните и опасни совети на човекот, чиј лош менаџмент ја направи кризата толку лоша“.