1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Троловите на Путин не знаат за граници

Јури Решето/Ж.А. 8 август 2015

Људмила Савчук од Сант Петербург се вмешала меѓу т.н. тролови на интернет за да шири платени и потпишани коментари на одредени теми. Оттогаш таа стравува за својот живот.

https://p.dw.com/p/1GC04
Фотографија: picture-alliance/dpa/Mikhail Pochuyev

Људмила Савчук преку оглас во весник дошла до претпријатие кое нуди работа-на интернет да се шират однапред одредени мислења. Савчук никогаш не добила договор за работа и два месеци не добила плата. Тоа на оваа новинарка и‘ бил повод да го тужи претпријатието, кое всушност никогаш и не постоело. Таа го добила процесот, а светот на тој начин дозна за постоењето на т.н.трол-фабрики во Русија.

Дојче веле: Вие два месеци работевте во претпријатие со официјално име „Агенција за интернет-истражувања“, а неофицијално, тоа се вика трол-фабрика. Што доживеавте таму?

Савчук: Не знам кој го измисли терминот фабрика на тролови, но тоа е навистина фабрика која произведува содржини. Таму работи мноштво луѓе, кои со запрепастувачко темпо произведуваат коментари, постови, фотографии и видео снимки. Тие негуваат и свои групи на социјалните мрежи, пишуваат блогови, четуваат. Тоа е гигантска работа! Тие се сместени во улица Савушкин во Сант Петерберг, во огромна деловна зграда на четири ката. Сите канцеларии се полни, нема ни една празна просторија.

Кој Ви даваше работен налог, кој ги одредуваше темите?

Кога работиш за нив, никогаш не се знае кој го дал работниот налог. Тие одат од компјутер до компјутер и делат „техничка задача“. Таа се состои во тоа да се напише вест. Најчесто, тоа се вести од руската државна телевизија. А тогаш добиваш упатство како треба да се преработи таа вест, кои акценти да се стават. Значи, тебе ти е пропишано мислењето, твоето платено мислење. Структурата на оваа организација е многу комплицирана. Таму постои посебно одделение за анализи, кое се занимава со вестите на денот.

Russland Mitarbeiterin der Firma "Internet Research"
Људмила Савчук, десно, и нејзината адвокатка Дарја СухиехФотографија: DW/V. Izotov

Кои се вработените?

Тоа се млади луѓе, студенти или апсолвенти без работа. Луѓето кои работат како тролови, не познаваат граници и немаат одговорност. Тие се кријат зад маски, зад лажни профили и мислат дека имаат право се‘ да кажат. За мене тоа е чист екстремизам и поттикнување на расизам.

Дали се вреднуваат темите?

Да, отприлика, има околу десет теми кои се посебно важни. Број еден е Украина, потоа САД. Најчесто станува збор за омраза кон САД. Обама треба да биде претставен како виновник за сите проблеми. Сигурно го знаете изразот „гејевропа“, кого сигурно го измислиле троловите. Со него се сугерира дека насекаде во Европа активно се пропагира хомосексуалност. И, се разбира, станува збор за руската политичка опозиција, која троловите ја критикуваат на интернет. Наспроти тоа, фалени се две личности: претседателот Путин и министерот за одбрана Шојгу.

Вие ја тужевте Агенцијата, зашто два месеци не примивте плата. Судот донесе пресуда во Ваша корист и наложи исплата на платите. Дали со тоа е постигната Вашата цел?

Заостанатите исплати беа само повод за официјално да свртам внимание кон фирмата, да ја изложам на јавноста. Тоа ми успеа. Сакав пред суд да го признаат постоењето на ова претпријатие. Тие дојдоа и го признаа тоа. Во мојата тужба стоеше дека бев ангажирана да пишувам платени коментари. И тоа го признаа.

Дали се плашевте?

Од почетокот стравував за мојот живот. Тоа за жал не заврши. Се обидувам да се заштитам, колку што е можно. Но, секој ден морам да мислам на тоа.

На каков начин е можна заштита?

Не одговарам на понудите за интервју на руските телевизии. Внимателно го планирам моето движење низ градот. Имаше необични повици од мои бивши колеги кои сакаа да ме принудат на било каква средба. Не верувам дека сакаат да ме убијат, но зад сето ова стојат влијателни луѓе. Мојата цел е нивно разоткривање.