Тројца од 100 заболени умираат од Ковид-19
23 март 2021Министерството за здравство ги објави најновите податоци за состојбата со Ковид-19 во С. Македонија - регистрирани се 1.056 новоинфицирани, а починаа 25 починати лица, од кои најмладиот има 29 години, а најстариот е на 87 годишна возраст. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани од почетокот на епидемијата изнесува 120.882, бројката на оздравени пациенти е 102.201, на починати е 3.528, а бројот на активни случаи изнесува 15.153.
Во услови кога се уште не е започната имунизацијата на населението против опасниот вирус и неговите мутации и зголемиот број на заразени и починати, од Институтот за имунологија укажуваат дека единствен начин да се запре пандемијата е да се отежне и да се спречи ширењето на вирусот. Во моментов, вакцините се најефикасното оружје во борбата со вирусот. Според последната студија организирана и изведена од Институтот за имунобиологија и хумана генетика, при Медицинскиот факултет во Скопје, од 1000 случајно тестирани граѓани на главниот град, скоро 1/3 веќе има стекнато имунитет. Грубо, за приближување до прагот на остварен колективен имунитет потребна е имунизација на уште најмалку 1/3.
„Во услови кога болеста има смртност од 3% (дури тројца од 100 разболени индивидуи умираат), пресурово и нехумано е да се очекуваме и да се надеваме дека колективниот имунитет ќе го постигнеме по природен пат“, укажуваат од Институтот за имунологија.
Анализа
Колективен имунитет (или имунитет на стадо) постои кога голем дел од една популација (стадо) е имун на некоја болест, со што е отежнато или спречено ширењето на болеста од индивидуа на индивидуа. Како резултат на прекинувањето на синџирот на ширење на болеста, целата популација е заштитена, а не само индивидуите кои се имуни. Потребниот процент на имуни поединци во една популација за да се постигне колективен имунитет варира од болест до болест. Колку е болеста позаразна и полесно се пренесува, толку е поголем потребниот процент на имунизирани поединци за да се спречи понатамошно ширење на болеста. На пример, за морбили (исклучително заразна болест) претпоставениот праг за имунизирање во популацијата изнесува околу 94%. За Ковид-19, првичните претпоставки за потребна имунизација во популацијата се движеа околу 60-70%. Денес, со доминацијата на позаразните нови соеви на вирусот, прагот за стекнување на колективен имунитет е покачен на околу 70-80% од населението.
-повеќе на темата: Борба за живот на интензивна: „Правиш сѐ, но на крајот е залудно“
Во анализа објавена на социјалните мрежи, Од Институтот за имунологија посочуваат дека сите познати мерки за намалување на ширењето на вирусот, како често и темелно миење раце, физичко дистанцирање, проветрување и избегнување на гужви, носење маски, се исто ефикасни за новите соеви на вирусот, како и на почетокот на пандемијата. Но, вакцините се тие кои превенираат хоспитализација и смртен исход. Во анализата се вели дека сите постоечки одобрени вакцини се скоро 100% ефикасни во превенирање на хоспитализација поради тешка болест и смрт од Ковид-19. „ Ова е критичен факт. Вакцините спасуваат животи, а истовремено го растеретуваат здравствениот систем и ја намалуваат можноста на вирусот за ширење и за мутирање“, велат од Институтот за имунологија.
Чекајќи ги вакцините...
До 22 март, вкупно се вакцинирани 6 704 здравствени работници со првата доза на вакцина против ковид, од кои 4 002 со „Фајзер/Бионтек“ и 2 702 со „Спутник V“. Исто така, 2 572 лица веќе се вакцинирани и со втора доза од вакцината „Фајзер/Бионтек“.
Во очекување да започне масовната имунизација на населението во С. Македонија, по пристигнувањето на вакцините, коишто се најавени за крајот на месецов, загрижувачки податоци пристигнуваат од Министерството за здравство. Само за 24 часа во Скопје се хоспитализирани 70 нови пациенти поради компликации со коронавирусот. На инфективните оддели во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 1392 пациенти со Ковид-19. Има околу 300 празни болнички кревети во ковид – центрите. Голем број од пациентите се на кислородна поддршка. Во внатрешноста на земјата се бара кревет повеќе, модуларните болници се полнат, се поголем е бројот на заразени на кои им е неопходна лекарска помош и хоспитализација.
-повеќе на темата: За „Фајзер“ ќе се почека, вакцинацијата ќе почне со „АстраЗенека“
Пораст на новозаболени од над 26 отсто се нотира и во неделната анализа на Институтот за јавно здравје. За над 22 отсто е зголемен и бројот на лицата коишто ја изгубиле битката со Ковид-19. Регистрирани се 158 починати од 27 градови.
Во периодот од 15 до 21 март во земјава се регистрирани нови 6 899 позитивни случаи со коронавирус, што е зголемување од 26,4% во однос на минатата недела. Новите случаи се регистрирани во 35 града, при што најголем број се од Скопје (3 441 или 49,9%). Заболените се од сите возрасни групи, но најзастапена е над 60 (1 772 лица, или 25,7%). Голем број заболени се регистрира и кај лицата од 30 до 39 (1 303 или 18,9%), потоа 40-49 (1272 или 18,4%), 50-59 (1 210 или 17,5%) и 20-29 (864 или 12,5%). Најмал број е регистриран кај децата од 0 до 9 (144 или 2,1%) и 10-19 години (334 или 4,8%). За разлика од претходниот период кога најголем број на заразените беа над 60 години, последниот период највеќе на удар на вирусот се младите од 10 до 19 години, како и лицата на 50 до 59 годишна возраст.
Во моментов на сила е полициски час од 22 до 5 часот изутрина. Надлежните вчера не донесоа одлука за нови рестриктивни мерки поради порастот на заразени лица.