УЕФА ја има Европа сомнително под контрола
23 јуни 2021Кој владее во Европа? Може да се помисли дека е тоа УЕФА. Европската фудбалска федерација се чини како да ги има под контрола владите на континентот. Таа само што им се закани на Британците дека ќе им го одземе одржувањето на полуфиналето и финалето, доколку заради Европското првенство не ги олабават своите корона-правила, а владата на Борис Џонсон веќе менува тон. 60.000 гледачи како во Будимпешта? Нема проблем, ќе успееме, вели Џонсон. Притоа, Делта-варијантата на коронавирусот во Велика Британија предизвикува раст на бројот на заразени лица. Поради тоа е загрижена цела Европа. Не, не е точно - речиси цела Европа.
УЕФА со месеци се однесува како да живее во простор во кој нема корона. Си пронајде сојузник во унгарскиот премиер Виктор Орбан, кому не му е воопшто грижа ниту за вирусот ниту за Европа. Каде се одржа УЕФА-Суперкупот во септември 2020, кога континентот се соочуваше со нов корона-бран? Каде УЕФА пролетва ги премести натпреварите од Лигата на шампиони? Кој единствен гарантираше полни стадиони кога сите останати домаќини на паневропското ЕУРО 2020 размислуваа дали воопшто да пуштат публика на стадионите, и ако да - колку гледачи? Будимпешта, Будимпешта, Будимпешта.
Вин-вин ситуација
За двете страни - Орбан и УЕФА - тоа е вин-вин ситуација. Деснопопулистичкиот премиер добива можност да се сонча на фудбалскиот сјај, што, патем, го прават и сите други влади на овој свет. А, УЕФА, за возврат, може да се посвети на својот суштински бизнис, без да мора да се грижи за корона-неволјите. А, тој суштински бизнис се вика - профит!
Оттука, не е за чудење како реагира УЕФА во дебатата за боите на виножитото. Беше толерирано тоа што Мануел Нојер на натпреварот против Португалија носеше капитенска лента со боите на виножитото. Но, кога минхенската Арена требаше да биде осветлена во тие бои и тоа токму пред натпреварот со Унгарија, се вмеша УЕФА. Мотивот не треба да се бара долго: унгарската влада не беше воодушевена. Конечно, таа минатата недела го протна контроверзниот закон низ унгарскиот парламент, кој го ограничува правото на информирање на младите за теми како хомосексуалноста и транссексуалноста. Германија и други држави сметаат дека со тој закон значително се дискриминираат луѓето кои се хомосексуалци, бисексуалци, трансродовите лица, интерсексуалците или квир-лицата (ЛГБТИК).
Пропуштена шанса
УЕФА нанадвор радо се претставува себеси како отворена и толерантна. Таа имаше шанса во Минхен да го докаже тоа на впечатлив начин. Но, ја пропушти. Солидарноста со нејзиниот политички партнер сепак ѝ беше поважна. Зашто, ако поради високи бројки на заразени повторно не се игра во Лондон или на други места, кој ќе скокне во замена? Па јасно, Будимпешта. И ниту една европска влада веројатно нема да ја критикува УЕФА од страв да не се „преигра“ со фудбалската сила.