1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недовршена револуција

СН/емф/ртр/дпа/афп/миа/ап23 февруари 2014

Непосредно по нејзиното ослободување од затвор поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, во емотивен говор на плоштадот Мајдан во Киев, побара од демонстрантите да ја продолжат борбата за слобода.

https://p.dw.com/p/1BE2Q
Фотографија: Reuters

Јулија Тимошенко на плоштадот Мајдан беше дочекана како хеорина. По двеипол години минати во затвор, каде што постојано страдаше од болки во грбот, таа во инвалидска количка се појави пред демонстрантите на плоштадот на независноста. „Да им оддадеме почит на хероите“, беа нејзините први зборови, мислејќи притоа на 82-та загинати демонстранти за време на безредијата во Киев во изминатите неколку денови. Во емотивниот говор пред 100 илјади граѓани таа од нив побара : „Не смеете да се откажувате. Борете се до крај, борете се за слобода се‘ додека во земјата не бидат избрани на власт политичари кои ја заслужуваат довербата на народот“. Тимошенко уште порача дека таа ќе биде гарант дека никој нема да ги измами луѓето кои повеќе месеци протестираа во Украина. „Вие сте силата , која е гаранција за тоа дека нема враќање назад, вие променивте сѐ, а не дипломатите, не светот“, порача таа и ги предупреди демонстрантите да не го напуштаат плоштадот Мајдан. „Ако некој ви вели дека треба да си заминете дома, не му верувајте, одете до самиот крај“, изјави Тимошенко. 53-годишната политичарка претходно најави дека ќе се кандидира за претседателската функција.

Ukraine Julia Timoschenko Rede Maidan 22. Feb. 2014
Фотографија: Reuters

Киев под контрола на опозицијата

Украинскиот парламент во петокот (21.02) изгласа измени во кривичниот закон, со кои беше овозможено ослободување на Тимошенко од затвор. Таа во 2011. година беше осудена на седумгодишна затворска казна поради злоупотреба на службената должност. За Западот пресудата против неа важеше за политички мотивирана.

Инаку, во текот на вчерашниот ден во Киев со голема брзина се редеа настани и одлуки кои доведоа до тотален пресврт на состојбата во земјата. Украинскиот парламент со 328 гласови „за“ од вкупно 447 пратеници изгласа отповикување на претседателот Виктор Јанукович и распиша парламентарни избори на 25 мај.

Отповикувањето на Јанукович е поради тоа што тој „противуставно ги запоставил уставните ингеренции и е неспособен да ги извршува задачите“. Врховната Рада пред расправата за Јанукович го прогласи за сепаратист.

Сите административни згради во Киев во меѓувреме се под контрола на демонстрантите, а законите кои се изгласани во Парламентот се без потпис на претседателот Јанукович.

Претходно, полицијата во Украина застана на страната на демонстрантите, а армија соопшти дека на ниту еден начин нема да се меша во политичкиот конфликт во земјата.

Ukraine Julia Timoschenko Rede Maidan 22. Feb. 2014
Фотографија: Reuters

Јанкувич говори за државен удар

Виктор Јанукович кој од Киев замина во источна Украина, во интервју за локална телевизија во градот Харков обвини за државен удар.

Тој истакна дека и покрај „безбедносни гаранции“ од меѓународните посредници и опозицијата, било пукано врз неговиот автомобил, но тоа не го уплашило. „Ова што се случува во Украина првенствено може да се опише како вандализам, бандитизам и државен удар, посочи Јанукович, додавајќи оти ситуацијата потсетува на воздигнување на нацизмот во 30-тите години од минатиот век.

Новоизбраниот претседател на украинскиот парламент Александер Турчинов, подоцна изјави дека граничната полиција го спречила обидот на Јанукович со авион да отпатува за Русија.