1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Санкции или помош, или и двете?

Кристоф Хазелбах/ А.Трајковска 11 февруари 2014

Европските обиди за посредување и закани за санкции во Украина не донесоа пробив. Исто така и Советот на европските министри за надворешни работи делуваше беспомошно.

https://p.dw.com/p/1B6Zw
Фотографија: John Thys/AFP/Getty Images

ЕУ тапка во место во однос на својата политика за Украина. Ниту може да се одлучи за санкции против украинското раководство, ниту пак да предложи конкретен пакет помош. За тоа првиот европски дипломат Кетрин Ештон досега излезе само со непрецизни навестувања. Ештон која последен пат во Киев беше минатата недела, во Брисел ја повтори само двојната европска понуда: „Подготвени сме да го поддржуваме процесот на дијалог. И освен тоа сме подготвени да ги поттикнеме реформите со нашата економска поддршка, и за тоа разговараме со многу земји и институции“. Попрецизна Ештон не беше ниту овој пат. Сепак Европа си припишува заслуги, дека со притисок не само што постигнала оставка на досегашната влада, туку истотака и ги спречила најлошите девијации против демонстрантите и има преговори со претставниците на опозицијата.

Политички тоа не донесе ништо. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамјер во демонстрациите од изминатиот викенд гледа доказ „дека луѓето во Украина нема да се задоволат со гнили компромиси и да се игра на време, како што Јанукович во моментов повторно се обидува, не е никаква перспектива за политичко решение“. Штајнмајер во Брисел повторно побара уставни промени, кои би требало да ја зајакнат улогата на владата и прарламентот во однос на претседателот. Санкциите во моментов не се високо на неговата агенда. Неговиот шведски колега Карл Билт исто така подвлекува дека еропските дипломати повеќе се активни на полето на решавање на кризата отколку на казни. „Но мислам дека долгорочно во рака го имаме далеку најмоќниот инструмент за да влијаеме врз иднината на Украина“. Очигледно со ова Билт мисли на санкции како во позитивна така и во негативна смисла.

Нуланд ја забави европско-американската помош?

Засега мнозинството во ЕУ сѐ уште полага надежи во напорите за посредување како и понудата за економска поддршка, која би ја ослободила Украина од руското влијание. Тоа што од најавениот европско-американски пакет помош досега нема ништо, би можело да е поради малата неволја која ѝ се случи на Викторија Нуланд. Раководителката на одделот за Европа во американското министерство за надворешни работи во еден разговор со американскиот амбасадор во Киев се жалеше дека ЕУ имала премногу благ однос со украинската влада.

Ukraine: Präsident Viktor Janukowitsch empfängt US-Diplomatin Victoria Nuland in Kiew
Викторија Нуланд со украинскиот претседател Виктор ЈануковичФотографија: picture-alliance/dpa

Ирскиот министер за надворешни работи Еимон Гилмор, во Брисел порача дека случката не би требало да се преувеличува. Германската канцеларка Ангела Меркел меѓутоа зборовите на Нуланд ги оцени како „апсолутно неприфатливи“. Меѓутоа кратко потоа таа исто така ја повика ЕУ на „похомоген настап во Украина“. Очигледно барем стигна пораката дека Брисел мора да застапува заедничка позиција, за сериозно да биде стфатен од Американците.