Украина ја обвини Москва за инвазија
22 август 2014Украина ги повика своите партнери одлучно да ја осудат „нелегалната и агресивна акција на Русија“.
Околу 90 камиони без дозвола на украинските власти и без договорената придружба од Црвениот крст се во земјата, изјави портпаролот на украинскиот Совет за безебедност Андреј Лисенко.
Исто така и Министерството за надворешни работи во Киев ја обвини Москва за повреда на суверенитетот и „прекршување на меѓународното право“. „Ниту украинската страна, ниту Црвениот крст знаат што се наоѓа во камионите, ова многу не‘ вознемирува“, појасни министерството.
„Се работи за воени возила под циничен плашт на Црвениот крст“, изјави шефот на укранските тајни служби Валентин Наливаиченко. Украина сепак уверува дека нема да употреби сила против рускиот конвој на нејзина територија. Владата во Киев сака да избегне провокации, изјави претходно Наливаиченко. Тој исто така ја обвини Русија дека со колоната која патува на истокот на земјата извршила инвазија.
Конвојот со помош една недела чекаше на границата кон Украина.
Русија утрово (22.08) соопшти дека нема уште долго да чека. Според руски наводи, во камионите се превезува вода, бебешка храна и друга помош. Украинската влада ја стопираше колоната со образложение дека Русија би можела да го искористи конвојот како изговор за интервенција.