Орбан има план Б
2 мај 2019Во суштина, унгарскиот премиер Виктор Орбан и италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини припаѓаат на различни политички табори. Но, на нивната прва средба летоска, оставаа впечаток на стари пријатели и сопатници. Срдечно се прегрнуваа со широки заеднички насмевки. Орбан го нарече Салвини ѕвезда на европската десничарка политика и тоа промислено, што одговара на неговиот стил: „Мои херои и судбински пријатели со кои можам да делам некои искуства.“
Состанокот во август 2018 година, кој предизвика големо внимание, беше прв голем вовед во Орбановата европска предизборна кампања, а истовремено и демонстративен гест кон критичарите на унгарскиот премиер од Европската народна партија, ЕНП, на која припаѓа неговата партија Фидес.
Салвини првпат во Будимпешта
Неколку недели откако ЕНП привремено го суспендираше членството на Фидес, и пред претстојните избори за Европскиот парламент, Салвини денеска (02.05.2019) првпат доаѓа во Будимпешта. Официјално го покани неговиот унгарски колега, министерот за внатрешни работи Шандор Пинтер. Но, вистински значајна е планираната средба на Салвини со Орбан.
На прашање на Дојче веле, портпаролот на унгарската влада не сакаше да зборува за состанокот, како ни за планираните теми. Меѓутоа, во весникот „Маѓар немет“, близок до владата, кој Орбан често го користи за обзнанување на своите планови, пред две недели пишуваше дека Орбан и Салвини имаат намера да разговараат околу можностите за заедничка соработка во новиот Европски парламент.
Содржински, унгарскиот премиер е далеку поблизок до европските екстремо десничарски политичари отколку до христијанските демократи, во кои номинално се вбројува. Во актуелната кампања за изборите за Европскиот парламент, Орбан на пример шири и поттикнува теории на заговор кои потекнуваат од десничарските екстремисти, а се наоѓаат и во памфлетите на десничарските терористи од калибарот на Брентон Тарант и Андерс Брејвик.
Неподнослива реторика
Орбан на пример, на Европската комисија ѝ префрла дека настојува да го „измени населението“, при што христијанското население на Европа би било заменето со исламски „маси со поинаква култура од сосема друга цивилизација.“ Европските избори ќе решат за опстанок или пропаст на христијанската цивилизација во Европа, истакна повеќепати Орбан во последните седмици. Според него, веќе сега христијаните во Европа се дискриминираат, а се преферираат муслиманските имигранти.
Токму тој вид реторика неодамна ја прели чашата на ЕНП и доведе до суспензија на Фидес, откако поради политиката на Орбан и антидемократската трансформација на Унгарија во изминатите години доаѓа до зголемено незадоволство во сојузот на христијанските демократски партии.
Без оглед што Орбан целно ја предзвика кавгата со ЕНП, тој и натаму со својата Фидес порадо би останал во ЕНП и би ја преобликувал по своја волја. На таков начин неговото политичко влијание во Еропа би било многу поголемо отколку во сојуз со европските десничарски партии. Со многу од нив, вклучувајќи ја и германската АфД, Фидес досега одбиваше директна соработка. Кога Матео Салвини во почетокот на април во Милано свика основање на Европски сојуз на народи и нации, Орбан и Фидес, и покрај добиената покана, изостанаа.
Новите сојузници на Орбан
Орбан веќе извесно време се подготвува за случај на раскин со ЕНП. Од една страна, тој одржува интензивни односи со полската партија ПиС на Јарослав Качински, иако е многу пофлексибилен од загрижениот идеолог Качински. Меѓу неговите нови сојузници е и моќникот од Романија, Ливиу Драгнеа, шеф на тамошната номинално Социјалдемократска партија, ПСД, која сѐ позразено ги копираше слоганите и кампањата на Орбан.
Повеќе:
Калкулирана „шут-карта“ за Орбан
Груевски и Орбан: Малиот диктатор под закрилата на големиот автократ
Меѓутоа, Салвини и компанија за унгарскиот премиер се еден вид План Б. Дури, Орбан смислено работи на својот имиџ на ѕвезда и херој во европскиот десничарски спектар, за што сведочат разни истражувања за вредностите на популарноста на европските политичари.
Контакти во десничарскиот табор
Крајно десничарски политичар со кој Орбан долго време одржува поблиски лични односи е Герт Вилдерс. Сопругата на Вилдерс е по потекло од Унгарија, поради што тој редовно ја посетува земјата, па повремено приватно се среќава со Орбан. Двајцата политичари не ги кријат пријателските односи. Орбан исто така има добри врски со бившиот советник на Трамп, Стив Бенон, а Бенон го нарекува Орбан „Трамп пред Трамп“ и го смета за еден од најважните европски политичари. Орбан не стравува ни од контакти со декларирани десничарски екстремисти, минатото лето позираше во пријателска атмосфера со белгиските неонацисти во текот на состанокот во романскиот Бад Туснад.
Во меѓувреме, по Салвини, посета на Орбан најави и следниот десничарски политичар: в понеделник, на покана на Орбан, во Будимпешта ќе допатува австрискиот потпретседател и челник на Слободарската партија, Ханс-Кристијан Штрахе. Неделникот „168 ора“, иронично овие состаноци, кои следат непосредно еден по друг, ги нарече според американската филмска драма, „Бал на чудовишта“ („Ball of the Monsters").