1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Уставниот суд блокиран - бара итно да се изберат нови судии

ДТЗ
30 мај 2022

Важни прашања и закони не можат да бидат ставени на дневен ред на седница сѐ додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд, вели претседателката Добрила Кацарска

https://p.dw.com/p/4C2cH
Nord Mazedonien Dobrila Kacarska
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Доколку до крајот на годината не се изберат четворица уставни судии, постои опасност од уставна криза, предупреди претседателката на судот, Добрила Кацарска. Уставниот суд како орган којшто ја штити уставноста и законитоста во Северна Македонија работи на граница на кворум, бројни иницијативи се заглавени и за нив не можат да се донесат одлуки поради недостиг на четворица судии.

Штетата најмногу ја трпат граѓаните, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат, а судот не може да одлучува како на пример за законите за социјална заштита, за јавно обвинителство, за даноци и одлуки за оспорување на ДУП-ови. Исто така, во евентуална несакана ситуација да треба да се констатира престанок на функција на претседателот на државата или да се одземе имунитет или да треба да се избере нов претседател на Уставниот суд тоа ќе биде невозможно, бидејќи се потребни шест судии, а моментално има само петмина.

„Важни прашања, како што се Указот за прогласувањето на Преспанскиот договор и Законот за јазиците нема да бидат ставени на дневен ред на седница сѐ додека не се изберат сите девет судии во Уставниот суд“, укажа Кацарска. Ваквите проблеми со кои се соочува судот таа ги сподели на денешната средба и со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Таа побара поддршка од нив за надминување на ваквите состојби. 

Штетата ја трпат граѓаните

„Овој проблем е на штета на граѓаните. Состојбата е проблематична и во очите на меѓународната заедница. Апелирам Уставот да се почитува“, вели Кацарска. 

Повеќе од шест месеци македонскиот Уставен суд е оставен само со  петмина судии. Изборот на нови уставни судии со месеци е заглавен во Собранието. Уставниот суд  е орган што ја штити уставноста и законитоста во Македонија. Составен е од девет судии избрани од Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор.

-повеќе на темата: Кој ќе го штити Уставот - Уставниот суд остана со само петмина судии

Претседателот Стево Пендаровски смета дека што поскоро треба да се надминат предизвиците во работата на Уставниот суд, посочувајќи дека во интерес на сите е Уставниот суд да работи во комплетен состав, со целосен капацитет и во соодветни технички услови.

Како што соопштија од неговиот кабинет, на средбата кај Кацарска биле пренесени и неколку иницијативи во однос на исполнувањето на надлежностите на судот, вклучувајќи ја можноста за воведување уставна тужба со проширување на надлежностите на Уставниот суд.