1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Учениците не запираат, борбата против екстерното продолжува

Костадин Делимитов4 јули 2015

И годинава тестирањето со голем број содржински и технички грешки за што реагираа и родители. Во реакциите власта повеќе препознава политика отколку вистинска иницијатива за подобрување на условите во образованието.

https://p.dw.com/p/1FsaI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Крајот на училишната година не значи и крај на битката против екстерното тестирање во основното и средното образование. Непопустливоста на власта не ги демотивира пленумите кои бараат промена на постојниот модел:

„Барањето на Средношколскиот пленум беше екстерното тестирање да се стави во мирување оваа година и оценките на матурантите кои го полагаа во јануари да не влезат во свидетелствата. Имавме и одредени отстапки, предложивме да се оди со оној словенечки метод на тестирање со кој тестирањето се спроведува по анонимен пат со статистичка цел, без притоа оценките да влегуваат во просекот. Но за жал тоа не го прифатија, но не знаеме зошто. Видете, многу е непријатно што само со еден тест некој може да го расипе целиот просек на крајот од годината. Просекот се вади така што од 12 наставни предмети на пример се додаваат и оценките од екстерното се собираат и тоа се дели со 14 и автоматски се добива помал просек. Затоа велиме дека ние не сме против укинување на тестирањето, но инсистираме постојниот модел да претрпи промени. Нека не се укинува, но да се смени. Затоа ќе продолжиме со нашите активности и во наредниот период, посебно од септември со стартот на новата учебна година“, вели за Дојче веле Александар Милески член на Средношколскиот пленум.

Последните измени во законот за основно и средно образование испровоцираа и иницијатива до уставниот суд за нивно оспорување. Учениците и наставниците се против законските решенија во делот на тестирањето но и казните и наградувањето на наставничкиот кадар. Реагира и опозицијата која бара екстерното тестирање веднаш да се укине, а образованието да се ослободи од стегите на партијата на власт. Од СДСМ сметаат дека лошите законски решенија направиле хаос во образовниот процес, предизвикале фрустрации, учење на памет, малтретирање на родителите и деградирање на наставниците. Поддржуваат систем за евалуација но не на начин како што е сега поставено екстерното:

„Овој проект треба веднаш да се укине а образованието да се ослободи од стегите на партијата на власт. Нема квалитетно образование со политички закани и притисоци. Главната цел на стратешкиот проект, таканареченото есктерно тестирање, Владата на Никола Груевски го смисли за да може да ги брка од работа сите оние кои не се послушни и кои не ги спроведуваат нивните наредби. Целото образование е руинирано со погрешните политики. На пример, се уште важат одредбите од член 97 од Законот за основно и член 70а од Законот за средно образование, каде што децидно е кажано дека „на наставник кој и по две години од добивањето на стручната помош, повторно ќе биде во групата на наставници кај кои има најголеми отстапувања во добиените показатели, му престанува работниот однос.“ Имено, пропишано е дека „решение за престанок на работниот однос на наставникот донесува директорот на основното училиште“ и дека против ова решение на директорот за престанок на работниот однос „наставникот може да поднесе тужба до надлежниот суд“. Кажете ми кој добил правда во оваа држава која 9 години е во канџите на врхушката на ВМРО-ДПМНЕ. Против кого може наставниците и професорите да се жалат ако останат без работа а судовите се под контрола на Груевски. Од кого да се браните ако многумина од директорите на училиштата се избирани според политички а не според стручни критериуми“, смета Петар Атанасов претседател на комисијата за образование на СДСМ.

Schüler protestieren gegen Reformen des mazedonischen Bildungssystems
Фотографија: Petr Stojanovski

Промени во целиот проект бараат и експертите. Дел од нив предупредуваат дека она што веќе три години се спроведува во пракса е спротивно на првично утврдениот:

„Ова не е проектот како што беше изворно воведен, ова сега служи за казнување на професорите со бркање од работа и на учениците во делот на просекот што создава една лоша клима во образованието и општеството. Целиот проект беше со идеја да се провери целокупниот квалитет на образовниот систем за да може правилно да се насочуваат политиките, да се бараат подобрувања. На пример ако се види дека некаде има послаби знаења од природни науки тогаш таму можеби недостасува соодветна опрема за вежби и слично за да се реагира. Но апсолутно тоа да не влијае врз оценката а посебно врз какви било санкции што воопшто не смеат да бидат предвидени со закон“, смета универзитетскиот професор Ненад Новковски.

Поради ваквите состојби според Новковски не треба да зачудува фактот што учениците годинава потфрлија во знаењето за разлика од лани. Резултатите од тестовите покажаа средна оценка 3,2 за разлика од лани когаа таа изнесуваше 3,6:

„Причините за послабата оценка може да бидат различни, прво не е стандардизирана методологијата на оценување и едноставно може да се случи поради тие разлики да се добие различна вредност. Причините може да се бараат и во самите ученици, колку тие биле подготвени но сигурно дека влијание има и лошиот амбиент што се создаде околу целиот овој проблем. Но во секој случај екстерното оценување од кое требаше се извлекуваат податоци за системот е силно нарушено со сите тие мерки кои се надвор од оние нормални услови и добива погрешен тек, нанесува штети, непотребни напрегања и мора сериозно да се поправи. Дури и варијантата што ја бара опозицијата за негово укинување е потребна, можеби не како најдобра опција, но во ситуација кога е волку комлицирана ситуацијата тогаш тоа би било решение за санирање на состојбата“, смета Новковски.

Послабите резултати годинава според Атансаов се исклучиво поради начинот на кој Владата го спроведува целиот проект:

„Министерството за образование секоја година ја менува маргината за освоена оценка која дополнително ги усложнува проблемите. Оваа година критериумот беше построг од лани, заради бирократска одлука на Владата, па затоа просекот е помал. Со екстерното оценување не се мери знаење туку тоа е само начин на учење на памет на одредени одговори, што е најниско ниво на учење. Политиката премногу се замеша во училишниот систем. Не може да барате знаење и компетенции од 21 век со методи од 19 век. Учениците и студентите како и нивните наставници и професори со право се револтирани со овој проект кој Владата со сила го бутка од неразбирливи причини. Бадијала беа критиките, ништо не променија ниту уличните протести со кои се бараа измени на лошите законски решенија. Екстерното тестирање како проект предизвика најмногу фрустрации, ги натера децата да учат на памет, тренираше строгост кај сите деца од 4 одделение до 4 година средно, ги измалтретира родителите и ги деградира наставниците и професорите“, реагира Атанасов.

И годинава тестирањето го карактеризираа голем број содржински и технички грешки за што реагираа и родители. Социјалните мрежи беа преполни со фотографии од погрешно поставени и нелогични прашања на тестовите што ги полагале учениците. Надлежните реагираа дека сите проблеми од технички аспект ќе бидат отстранети. Во реакциите против екстерното власта повеќе препознава политика отколку вистинска иницијатива за подобрување на условите во образованието.