Фармаконцерните не се заинтересирани за нови антибиотици!
13 септември 2019Без оглед на фактот што ширењето резистентни бактерии се смета за сѐ поголема глобална опасност, фармацевтските компании запираат со истражувањата за нови антибиотици. Речиси половината од 100 фирми кои во 2016 година договорија интензивирање на напорите во борбата против резистентни бактерии, веќе не се активни во браншата, покажува истражувањето на германската радио телевизија НДР. Меѓународниот фармацевтски сојуз ИФПМА тогаш основаше посебна индустриска алијанса.
Притоа, нови антибиотици се итно потребни, зашто бактериите во сѐ поголеми размери покажуваат резистентност против постарите лекови. Според наводите на Светската здравствена организација, годишно како последица на резистентност на антибиотици во светот умираат околу 700.000 луѓе.
Други истражувачки области се полукративни
И кај Џонсон& Џонсон, најголемиот здравствен концерн во светот, во моментов „не се врши развој на антибиотици“, признаваат во фирмата. Во изминатата година од истражувања за нови антибиотици се повлекле гигантите во браншата Новартис и Санофи, а АстраЗенека тоа го направила уште во крајот на 2016 година. Ниту во големите концерни Пфицер и Алерган, според информации на инсајдери од браншата, исто така не се работи на развој на нови антибиотички медикаменти, иако тие се членови на основаната Алијанса.
Причина за повлекувањето на претпријатијата, покажуваат истражувањата на НДР, се економските калкулации. Во споредба со лековите против рак или средствата против хронични заболувања, со антибиотиците се заработуваат значително помалку пари, првенствено поради тоа што тие се земаат само неколку дена. Освен тоа, новите лекови би биле применувани само во итни случаи, кога сите досега применувани антибиотици веќе немаат никакво дејство.
Германскиот сојуз на истражувачки претпријатија за производство на лекови, ВФА, е на мислење дека постојат премалку истражувачки проекти. Активностите стагнираат на прениско ниво, истакнува директорот на Одделението за истражувања, Зигфрид Тром за германската новинска агенција ДПА. Резистентноста на антибиотиците е светски голем проблем, вели тој.
Треба ли политиката да ги поттикне истражувањата?
Благодарејќи на подобреното згрижување и хигиена, во Германија е можен добар третман со постојните антибиотици кај близу 90 проценти од вкупниот број пациенти. Врз основа на резистентност на антибиотици, во Германија се регистрирани годишно околу 3.300 смртни случаи, вели Трон, повикувајќи се на бројките од Европскиот центар за превенции и контрола на болести. Во други држави бројките се доста повисоки. Политиката мора да направи посилен поттик за развој на нови медикаменти на меѓународно рамниште, вели експертот.
Процесот на развој на нов антибиотик чини повеќе стотици милиони евра. Во случај на успешна лиценца за средството, кон тоа се надоврзуваат трошоците за производство, продажба и маркетинг. Малите фирми, кои немаат дополнителни приходи од други области, по правило не можат сами да се справат со овие трошоци. Од аспект на меѓународните експерти, токму затоа е фатално повлекувањето на големите концерни од истражувањата за нови антибиотици.