1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Феноменален играч“ во македонскиот дрес

4 март 2010

Македонија има шанси да се пласира на Европското првенство, доколку го надмине својот менталитет, вели во ексклузивно интервју за Дојче веле, ѕвездата на македонскиот фудбал Горан Пандев.

https://p.dw.com/p/MJPE
Горан ПандевФотографија: Zlatko Kalinski

Два месеца е главната медиумска личност во Македонија, од 4 јануари, од денот кога потпиша за италијанскиот фудбалски гигант Интер, од моментот кога зачекори на Сан Сиро. Всушност, тоа беше негово второ облекување на дресот на неро-азурите. Откако пред скоро една деценија, како надежен тинејџер влезе во светот на овој фудбалски гигант, Горан Пандев во Интер се врати на големата врата, како ѕвезда на зимскиот преоден рок.

„Отидов во Интер со неполни 18 години. Знаев дека еден ден ќе се вратам, бидејќи многу напредував во мојата кариера. Му благодарам на Интер, тие ме донесоа како играч во Италија.“

Поддршка од соиграчите, тренерот и управата

Во првите 10 мечеви брилира. Играта во престижното градско дерби против Милан е за паметење. За чудо, во неговата игра воопшто не се чувствува повеќемесечната пауза поради спорот со Лацио. „На почетокот мислев дека ќе ми биде тешко кога ќе ме стават да играм, но, со помош на соиграчите, на тренерот и на управата, со помош на нивната доверба се’ е во најдобар ред.“

José Mourinho geht nach England
МурињоФотографија: AP

Жозе Мурињо беше главниот инспиратор за трансферот. Горан Пандев не крие дека и кај него имало голема желба да застане под палката на харизматичниот тренер. „Една од причините што се преселив во Интер беше и неговта желба да ме види во редовите на Интер, а исто така и мојата желба да го запознаам. Дотогаш го гледав само на телевизија, ми се допаѓаше како карактер. Тој е човек што ја кажува вистината во лице.“

Мурињо е обично шкрт на изјави од тој тип. Но, за Пандев брзо кажа дека е феноменален играч, изјава која годи. „Сигурно дека годи! Но, мислам дека е феноменална целата екипа на Интер. Кога ќе влезеш во ваква екипа полесно е да играш.“

Пандев потенцира дека наишол на одличен прием и кај играчите на Интер. „Се работи навистина за добри момчиња, големи професионалци и не случајно Интер во последниве години ги освојува титулите во Италија. А, многу ми помогна и Дејан Станковиќ, кој е еден од лидерите во оваа екипа со тоа што е долго време во Интер.“

Интер засега успешно гази на три натпреварувачки фронта. „Ние сме во игра за сите три трофеи! Во полуфиналето сме во купот на Италија. Четри бода му бегаме на Милан во Скудетото. Имаме добар резултат и за реваншот со Челзи. Нема да биде лесно во Лондон, напротив тоа ќе биде тежок натпревар, го видовме тоа на домашен терен, Челзи е една од најквалитетните екипи во Европа, но и Интер има свои адути. Мислам дека можеме да го минеме Челзи во Лондон.“

Пандев не ги заборави фудбалските школи во Струмица

Mazedonien Land und Leute Mazedonischer Fußballer Goran Pandev
ПандевФотографија: Petr Stojanovski

Кога беа утврдувани деталите од трансферот на Пандев во Интер, најдобриот македонски фудбалер, не заборави на оние, каде ги направи првите фудбалски чекори. Имено, Интер се обврза да исплаќа по 100 илјади евра годишно за развој на младинските фудбалски школи во Струмица. „Се трудам да им помогнам на фудбалските школи во Струмица. Знам какви се условите за работа во Македонија. Тешко е да се постигнат поголеми успеси бидејќи нема услови за работа.“

Македонскиот репрезентативен дрес му е во срцето. Лидер е во репрезентацијата. Така и размислува за претстојните квалификации за Европското првенство. „Мислам дека е веќе ред да одиме на резултат! Не само да играме добро против квалитетни репрезентации, а да кикснеме против малите. Мораме да го смениме тој наш македонски менталитет, бидејќи сите натпревари се важни. Три бода се освојуваат и со Андора и со Русија. Ако успееме во тоа, ако имаме поголема доверба во себе, мислам дека во оваа група можеме да се искажеме.“

Горан Пандев вчера против Црна Гора го одигра 53-от натпревар за репрезентацијата на Македонија. Му се израдува и на 23-от постигнат гол. По еден час фудбалска продуховеност, со овации публиката го награди Горан Пандев, при излегувањето од теренот.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска