1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук во берзанска дупка од 120 милијарди долари

БГ
27 јули 2018

Фејсбук вчера го имаше најлошиот ден во својата историја на берзите. Акциите паднаа за 19 проценти, а загубата надмина 100 милијарди долари. Личното богатство на Закерберг намалено за 16 милијарди долари

https://p.dw.com/p/32CdW
USA Facebook-Aktie droht nach trübem Ausblick Rekord-Tagesverlust
Фотографија: Reuters/D. Ruvic

Во само еден ден тргување на светските берзи, социјалниот гигант Фејсбук загуби 19 проценти од својата вредност или околу 120 милијарди долари. Тоа беше најлошиот ден за компанијата откако излезе на берзите во 2012 година, и една од најголемите загуби на вредност на компанија во историјата на американската берза.
До падот на акциите дојде само еден ден откако Фејсбук објави дека корисничката база и приходите забележале помал раст од очекуваниот во вториот квартал поради проблемите со приватноста на корисниците.

На Вол Стрит се уште се анализираат неверојатните бројки кои ги предизвика падот на акциите на Фејсбук. За споредба, загубата од 120 милијарди долари во еден ден е еднаква на севкупната вредност на гиганти како Мекдоналдс или Најки, а далеку ја надминува вредноста на мултинационални корпорации како Џенерал Електрик или Катерпилар. Досега, за најголем пад се сметаше оној на Интел во септември 2000 година кога оваа компанија забележа загуба од 91 милијарди долари.

Фејсбук, сепак, и натаму има пазарна вредност од околу 511 милијарди долари, сума која далеку го надминува годишниот брутодомашен производ на држави како Полска, Белгија и Иран.
Тежок удар врз својот џеб преживеа и сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг чие богатство се намали за 16 милијарди долари.

Некои американски медиуми говорат за масакр на акциите на Фејсбук, но сепак, вчерашниот пад всушност означи враќање на цената на акциите на социјалниот гигант на нивото на кое беа во мај минатата година. И тогаш, акциите на Фејсбук се опоравуваа од шокот кој го предизвика големиот скандал со заштитата на приватноста на корисничките податоци.