Неславен рекорд
23 мај 2022Над 100 милиони луѓе се протерани од своите домови ширум светот, соопшти денеска Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
УНХЦР наведува дека војната во Украина е еден од факторите кој принудил милиони луѓе да ги напуштат своите домови, додавајќи дека долготрајните конфликти во Етиопија и во Демократска Република Конго се втор фактор кој довел до голем број принудно раселени лица.
„Тоа е рекорд кој никогаш не требаше да биде поставен“, нагласи високиот комесар на ОН за бегалци, Филипо Гранди.
Тој укажа оти тоа мора да послужи како повик за будење со цел да се решат и спречат деструктивните конфликти, да се стави крај на прогонството и да се отстранат причините кои ги приморуваат невините луѓе да ги напуштат своите домови.
Податоците на УНХЦР опфаќаат бегалци, баратели на азил и раселени лица во сопствените земји.