Среќна нова 2022 година!
1 јануари 2022Стотици милиони луѓе во цела Европа ја поздравија новата 2022 година, во надеж за скор крај на епидемијата на коронавирус. Во Германија старата година се прости со невообичаено топло време – температури и до 16 степени Целзиусови. Без оглед на забраната за продажба на приротехнички средства, за да не се оптоваруваат болниците со дополнителни пациенти, на многу места се слушаа петарди, веројатно набавени од илегални извори, а на небото се гледаа шарени ракети. Во Бад Хонеф кај Бон едно лице загина, а едно е тешко повредено од пиротехнички средства. Во Берлин, од петарди се повредени 12 лица на приватна забава.
Приватните забави, поради пандемијата и посебно поради стравувањата од ширење на Омикрон варијантата, беа дозволени само во мали рамки.
Најголемата новогодишна забава во Германија, која традиционално се одржува пред Бранденбуршката порта во Берлин, беше откажана. Таму се одржа традиционално музичко шоу со неколкумина музичари, но без публика, само пред камерите на јавниот телевизиски сервис кои им го пренесуваа на гледачите.