Хан и Прибе во Скопје, од владата се очекуваат реформи
26 јуни 2017Фокусот на владата на неопходните реформи ќе биде главна тема на посетата на еврокомесарот Хан на Скопје денеска. Хан ќе присуствува на владината седница посветена на таа тема, а ќе има билатерални средби со премиерот Зоран Заев, со повеќе министри, како и со претставници на опозицијата.
Во петокот Заев одржа консултации со невладиниот сектор и медиумите околу реформските приоритети. Тој најави дека денеска на Хан ќе му претстави акциски план за евроинтеграции подготвен од владата. Премиерот Заев најави дека очекува до крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за преговори со ЕУ, а наредната отворање на поглавјата за полноправно членство. За исполнување на реформите ќе бидат формирани работни групи за реформи во правосудство и тајните служби, јавната администрација, за изборен систем и за независни регулаторни тела, како и за медиуми и за граѓанско општество.
Во таа насока се и пораките кои по формирањето на владата доаѓаат од ЕУ. Во својата изјава пред пристигнувањето во Скопје, Хан порача дека „владата заедно со опозицијата мора да се фокусира на имплементација на Итните реформски приоритети и на Договорот од Пржино, за да ја врати земјата на патот на ЕУ интеграцијата“.
Според анализата на Институтот за европска политика од Скопје, во изминативе две години не е реализирано речиси ништо од реформските приоритети. Според листата објавена од овој Институт, досега е исполнета единствено обвврската да се дадат бројки за вработените јавни службеници.
Реформските приоритети се поделени во повеќе поглавја, согласно Извештајот на Рајнхард Прибе: Владеење на правото и правосудство; Функционален судски и парламентарен надзор над следењето на комуникациите; Независни регулаторни, контролни и надзорни тела; Лустрација; Антикорупциски политики и законодавство; Деполитизација на јавната администрација; Изборна реформа; Спроведување на препораките на Анкетната комисија за настаните од 24 декември и Медиуми. Повеќето приоритети во овие поглавја кои опфаќаат повеќе од 20 подточки воопшто не се спроведуваат или мерките кои биле преземани во изминатите две години биле во спротивност со нив. Во едвај десетина подточки, спроведувањето на реформите, од страна на Институтот за европска политика, се оценува дека е „во тек“. Реализирана е само една.