Хорор приказните на вработените во месната индустрија
21 декември 2017„Тоа е многу тешка работа и не можеме да најдеме многу вработени, кои се подготвени да работат под вакви услови“, признава Андре Филштете, портпарол на компанијата за месни производи „Тенис“. Ова е неговиот обид да објасни зашто месната индустрија, вклучително и Тенис, останува толку зависна од агенциите кои им обезбедуваат персонал, кој во најголем дел доаѓа од источна Европа.
Филштете исто така понуди да договори подоцнежен разговор за ДВ со некои од вработените во „Тенис“ од Романија, но не го стори тоа до објавувањето на текстов.
Ливиу Радион е уморен од чекање. Пред 11 години, исто така во декември, тој заминал од малиот романски град Тулчеа, заедно со стотици други мажи, во надеж за подобар живот во Германија. Романија ѝ се приклучи на ЕУ во јануари 2007 година, а нејзините граѓани се стекнаа со полноправна слобода на движење во ЕУ во 2014 година. Значи Романците кои работат во Германија, би требало да имаат исти права како кој било друг граѓанин на Унијата.
Отпуштен додека бил на лекар
Тие потпишале договори со романски компании и требало да имаат добри примања, осигурување, платен одмор и пристојно сместување. Тие не негодувале за 10-12 часовното работно време, во соби оладени до температура од 5 Целзиусови степени. Не се жалеле ниту на екстремно високата станарина од речиси 2000 евра за сместувањето обезбедено од страна на компанијата. Некои од нив велат дека делеле двокреветни апартмани со по дури 9 други луѓе. И не успеале ниту да протестираат против плаќањето на 50 до 100 евра за нивната работна опрема - на пример униформите и чизмите - со оглед дека немале шанса да научат германски.
Ова многу му одговарало на работодавачот. Персоналот не можел да се пожали за време на контролите од страна на германската царинска служба. Работниците исто така немале право на глас ниту кога по одењето на лекар дознале дека нивната осигурителна полиса не ги покрива нивните потреби. Дури е и полошо: исто така немале право ниту на помош во случај на невработеност, со оглед дека агенциите постојано ги откажувале и ги менувале нивните работни договори. Како резултат на тоа, работниците не биле регистрирани како редовни плаќачи на придонеси во германскиот систем за социјално осигурување.
Една ноќ, Ливиу Радион, колабирал, недалеку од работното место. Подоцна, во болница, дознал дека е отпуштен од работа. Тој бил вработен од страна на една од агенциите кои обезбедуваат персонал за кланицата во Бохум во која работел. Подоцна се изборил против болеста, а сега е бори против индустријата која го вработувала.
Според проценките на германските синдикати, месната индустрија вработува околу 20 илјади луѓе само од Романија. Хорор приказната на Ливиу Радион не е изолиран случај. Затоа сојузот на германски синдикати, ДГБ, започна проект за роботниците од други земји од ЕУ во германската месна индустрија. Чаболш Шепси го координира проектот, говори романски, а во проектот се вклучени и други германски синдикални советници, кои говорат бугарски, унгарски и полски.
„Немаме статистички податоци за бројот на Романци кои работата во кланиците во Германија, бидејќи околу 90 насто од работниците, вклучително и оние од Полска, Унгарија и Бугарија не се директно вработени, туку преку посреднички агенции“, вели Шепси. Тие агенции не се регистрирани како компании за трговија со месо, туку најчесто како организации за хигиенски услуги или логистика. Така што многумина од оние кои работат исклучиво во кланици всушност се регистрирани како хигиеничари“.
Шепси вели дека ДГБ знае за најмалку 10 кланици со 500 до 1500 вработени Романци. „А има многу повеќе со преку 100 работници од Романија. Тие исто така работат и во месната индустрија и на многу фарми ширум Германија“.
Законска заштита, но без реални подобрувања
Ливион Радион и неговите колеги од Романија, се изненадени дека за нивните проблеми пред неколку месеци било дискутирано од страна на политичарите во Берлин. Според новиот закон, кој беше усвоен во август, менаџментот во месната индустрија мора да сноси одговорност за своите работници дури и ако тие формално се вработени од страна на посреднички агенции. Меѓутоа, повеќе луѓе вработени во кланиците, кои сакаа да останат анонимни, за ДВ изјавија дека речиси и не забележале некои подобрувања.
Четири месеци по усвојувањето на новиот закон, сѐ уште е речиси невозможно да се најде германска кланица каде персоналот од источна Европа добива плата соодветна на германските услови, или која директно вработува таков персонал,
Но Ливиу Радион одлучи да си го каже своето. Неговото лошо искуство може да послужи како предупредувачка приказна и да им помогне на другите да сфатат дека и тие исто така имаат права. Радион сака и неговите колеги да знаат дека ако се искористени или имаат проблеми на работното место, на располагање стојат советници од ДГБ кои го зборуваат нивниот јазик.