Хрватки бараат ред, работа и цврста рака
7 март 2017„Би одела во војска, зашто таму можат да се научат многу работи, а негативни има малку“, вели загрепската гимназијалка Ива која, ако државата ѝ овозможи, би можела да земе пушка веќе по завршувањето на средното училиште. И нејзината колешка Валентина по матурата радо би служела во војска, зашто, објаснува, денес животот се одвива на социјалните мрежи, а не во вистинскиот свет.
Третата девојка со која разговаравме, Вероника, исто така би заминала во воен камп за да се подготви за живот, но тешко би ѝ било да го остави семејството па додава: „Таму не можеме да работиме она што сакаме, мораме да ги слушаме надредените и не смееме да имаме свои ставови.“ Слично размислува и Анамарија.
Сепак, на девојките војската би требало да им биде само избор, како што најави владата на премиерот Андреј Пленковиќ, се согласуваат нашите соговорнички. „Секоја е поинаква на свој начин. Некоја е 'шминкерка', некоја е машкуданка, па би требало да имаат право на избор“, ни објаснува Валентина, која можноста да бираат не би им ја оставила и на момчињата. Се чини дека со овие гимназијалки се согласува и правобранителката за полова рамноправност, Вишња Љубичиќ, која во владината најава за изборен воен рок за жените не гледа дискриминација врз полова основа.
„Уважувањето на биолошките разлики меѓу половите и различните потреби кои произлегуваат од нив во основа не претставуваат дискриминација“, одговара Љубичиќ.
Нашите соговорнички-гимназијалки не би им попушателе на момчињата и сите по завршеното средно образование би ги упатиле во воени касарни, каде треба да бидат научени на ред. „Момчињата не се она што беа некогаш. Немаат веќе борбеност. Војската би требало да ги научи на зрелост. Месеците поминати со пушка в раце би помогнале за физичко и психичко изградување, што кај девојките успева и без воена стега,“ велат нашите соговорнички.
Старите генерации се поосвестени
Ред, работа, дисциплина, одговорност и послушност се врлини кои донеодамна не ги врзувавме за младите, но овие гимназијалки нѐ уверуваат дека токму тоа е што девојките би требало да бараат во војска. И додека девојките би помислиле дека можноста за служење воен рок ги става во рамноправна положба со мажите, прекалените хрватски феминистки Весна Кесиќ и Сања Сарнавка се сложуваат дека е тоа погрешен начин.
„Пензионерка сум, но поголем дел од младите луѓе се стопати поконзервативни од мене. Наместо да ми речат да одам да плетам дома и да престанам да морализирам, јас најчесто ги разбудувам“, коментира за Дојче веле Сања Сарнавка. Тоа е последица на непостоење граѓанско воспитување и неразвиеност на критичко мислење. „Предавав во училиште и знам дека тоа е најчесто инсистирање на повторување на нешто издиктирано. Во првата половина од 90-те години работев во гимназија, за учениците бев вистински шок. Но, децата брзо прифаќаа разговор и распрашување. Кога во училиште го нема тоа, се врши само папагалско повторување на чуени работи. Возрасните им зборуваат на младите дека работата и дисциплината се вредности, но ако влезете со нив во подлабок разговор, ќе видите дека тие ја забележуваат корупцијата, начинот на кој се доаѓа до работа...Но, за јавноста го повторуваат она што им се зборува.“
Сарнавка напоменува дека во Хрватска се случи тотален пресврт, зашто додека постоеше задолжителниот воен рок, сѐ поголем број момчиња го избегнуваа. „Не се сакаше оружје. Ако си поминал војна, знаеш каков ужас е оружјето. Сега повторно имаме мачо-приказни, ни треба оружје и треба да се браниме, иако не знаеме од кого. Тоа е тоа.“
И Весна Кесиќ објаснува дека феминизмот е спротивен на секаква милитаризација. „Според тоа, жените би требало да се борат против секаков облик милитаризација, а посебно против државното дистрибуирање огромни количини пари во војска и вооружување. Треба да се застане против воениот рок. Грозно ми е девојки да сакаат да одат во војска. Тоа е последица на воведувањето идеи во милитаристички дух, погрешни идеи во општеството. Хрватите никогаш не оделе радо во војска. Што ги мачи сега?“
Со оглед што Хрватска има професионална војска, а воената обврска е укината во 2008. година, Кесиќ смета дека е несериозно менување на одлуката во толку краток период. „Кој сака во војска а кој не, е само површинскиот слој. Нека ги испратат младите луѓе на работни акции, па да видиме дали ќе сакаат да одат. Нека биде корисно и доброволно. Ова сега е врзано за трошоци, НАТО, идеологија на милитаризација, создавање нови стравови од војна и прикриени подготовки за нова војна, за што не се зборува доволно сериозно.“
Претседателката како пример
Притоа, не треба да се заборави дека Хрватска на свое чело има жена, претседателката Колинда Грабар-Китаровиќ, бивша службеничка на НАТО, која се декларира како борец за женска рамноправност. И не се воздржува од фотографирање со пушка в раце, што не чуди, зашто таа е и врховен воен заповедник.
Сања Сарнавка вели дека ја прашала претседателката кога конечно и во Хрватска ќе проговори за женските права и родова рамноправност, со оглед што такви настапи секогаш имаше во странство. „Штом ќе ја премине границата, држи предавања за рамноправност, за стаклени ѕвона, за проблемите со кои се соочила. А во Хрватска е покровителка, заедно со бискупите, на наводно научен собир на кој една од темите е форензика на девственоста. Ниту со еден збор на овие простори не покажа верба во таа рамноправност.“
Претседателката, напоменува Сарнавка, многу сака оружје, нетипично за патријархална шема. „Можеби поради тоа девојките мислат дека е одлично да се оди во војска. Можеби се надеваат еден ден да станат претседателки. Тоа би бил позитивен поттик.“
Војската и војната во Хрватска крајно сепак се „машка приказна“, во која на мажите, било силни или кревки, образовани или необразовани, малку им се остава простор за избор. Мажите и натаму мора да гинат, па иако не може да влијаат на политиките кои ги испраќаат во војна. Жените, барем во овој смисол, се привилегирани. Но, таа привилегија сепак нема врска со борбата за женски права.