1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Кој потфрли во планирањето на туристичката сезона?

Игор Ласиќ
27 јули 2019

Како вистински да се толкуваат контрадикторните резултати од туристичката сезона во Хрватска, и што треба да се направи за подобар развој на оваа индустрија? ДВ го побара одговорот кај неколку експерти во браншата.

https://p.dw.com/p/3Mlbo
Kroatien Strand Urlaub
Фотографија: AP

Резултатите од туристичката сезона која влегува во зенитот предизвикаа жестока јавна дебата поради контрадикторните податоци. Вкупната посетеност и бројот на ноќевања годинава расте во споредба со минатата, но пополнетоста на капацитетите опаѓа. Причината за ова е зголемениот број на нови помали приватни сместувалишта. Односно, зголемен е бројот на семејни апартмани за изнајмување или помали сместувачки капацитети. Како и секогаш кога станува збор за туристичката индустрија на која хрватската економија речиси ги полага сите карти, се отвора прашањето - кој потфрли во планирањето на оваа сезона? Во потрага по одговорот им се обративме на независни експерти, оние чиј глас најмалку се слуша. Бидејќи поголемиот дел од јавниот простор посветен на оваа тема го заземаат политичари, или оние кои се директно вклучени во бизнисот, па си го застапуваат својот интерес.

Благословот и проклетството на туризмот

Опоравување на медитеранската конкуренција

Иво Кунст, економист од Институтот за туризам во Загреб, смета дека повторно во голема мера има сензационалистички пристап во поголем број медиуми кои ја заматуваат суштината на контекстот. „Секоја година во јули почнува кукање: се најавува катастрофа, 'јулската црна дупка' поголема од очекуваното, сѐ повеќе апартмани се празни и слично. Но, поголемиот дел од големите и етаблирани капацитети не се жалат, туку бараат право да вработат поголем број работници. Всушност, нивните резултати на годишно ниво се потврда за тоа“, вели тој. Според него, на ова може да се додаде и официјалниот податок дека бројот на апартамански сметувалишта на Јадранот продолжува забрзано да расте и тоа буквално неконтролирано. Растат и цените на сите видови услуги, додека конкурентските туристички земји од Медитеранот – Грција, Тунис, Турција, Мароко, Алжир, Египет – веќе се економски опоравени и консолидирани. „Нивната туристичка понуда е повторно интересна“, појаснува Кунст и додава дека „во дел од овие земји и државата го помага туризмот со субвенции и слични мерки“.

Неговата критика пак е насочена кон големиот број на нови туристички претприемачи, „или подобро кажано, недоволно образовани опортунистички инвеститори во апартмани кои очекуваат нереално високи профити со речиси никаков ризик. А тоа се нереални очекувања, особено ако некоја дестинација сама по себе не нуди одржлива туристичка понуда и ако не може или не се сака да му се стави крај на нерационалното користење на расположливиот развоен простор.“

Dubrovnik, Kroatien
Во хрватскиот туризам многу малку внимание се посветува на третманот на гостите.Фотографија: Srdj je nas

Занемарено управување со јавните ресурси

Ова последново во голема мера се однесува на добро познатите хрватски проблеми – управување со морските добра, заштитените крајбрежни подрачја, концесии на плажи и слично. „Мислам дека притоа не станува збор за недостаток на стратешка анализа и планирање, туку дека повеќе се работи за недостаток на имлементација на веќе дефинираните стратешки насоки, како и вообичаените пазарни текови, на кои е тешко да се влијае“, заклучува Иво Кунст.

„На крајот на краишта, во услови на неконтролирани раст на апартманските капацитети, проблемот на неусогласеност или неразвиена инфраструктура во поголемиот дел јадрански дестинации се сѐ поизразени," заклучува Кунст.

Повеќе: 

Хрватскиот туризам се самоуништува

Хрватска: нема персонал во туристичкиот рај

Оваа проблематика не го засега само Министерството за туризам, туку и други ресорни министерства. И не само нив. Овде спаѓаат и проблеми поврзани со инфраструктура – канализација, водовод, улици и патишта, собирање отпад, кои се во најголем дел под ингеренција на локалната самоуправа.

Тука лежи одговорот на прашањето зошто во Хрватска среде сезона толку често доаѓа до сериозни проблеми со комуналната и другите инфраструктурни мрежи, како на пример неодамнешниот колапс на струјната мрежа во Дубровник. Повеќепати се нагласува дека во хрватскиот туризам многу малку внимание се посветува на третманот на гостите. Не е доволно само да им се понуди покрив над глава и храна, туку земјата домаќин меѓу другото треба да работи и на одржливост на енергетската и патната мрежа, како и заштита на животната средина.

Goran Rihelj
Горан РихељФотографија: privat

Во теорија ова звучи сосем едноставно, но во пракса Хрватска има поразителни проблеми со спроведување на овие навидум едноставни нешта. Горан Рихељ, аналитичар од порталот HrTurizam.hr, го нагласува фактот дека туризмот историски започнал преку нудење на приватно семејно сметување. „Но, тоа кај нас е сѐ уште нерегулирано до крај. Не се знае кој каде е домаќин, дали семејствата или трговци со недвижности."

Брендирање на квалитетни услуги

Тој исто така предупредува дека кај експанзијата на диви градби на апартмани на локално ниво често се занемаруваат генералните урбанистички планови. Во многу градови нема ниту доволно паркинзи за гостите, а не се знае ниту каде сѐ одат парите од туризмот.

Од друга страна, речиси сите живеат од туризам. Сега кога пресвртот на меѓународниот пазар оди на штета на Хрватска која од ова живее главно по инерција, сите се изненадени. „Одредени решенија за изнајмувачи сепак постојат: вложување во квалитет, забрана за нелојална конкуренција и намалување на цени. Оттука може да се види и дека на оваа сезона не се жалат оние кои на пример настапуваат под некаква ознака за квалитет“, заклучува Рихељ.

Тој како пример го посочува брендирањето преку концепт Кварнер фемили. Со помош на ваквите механизми гостите може да знаат дека доаѓаат во приватно сместување, кај домаќини со проверен квалитет на услугата кој ќе биде соодветно пречекан.