„Целосно разорување“ по земјотресот во Нов Зеланд
14 ноември 2016Силен земјотрес со магнитуда од 7,8 степени ги погоди централните делови на Нов Зеланд. Најмалку две лица загинаа, а уништени се патишта и згради и илјадници луѓе мораа да побараат засолниште.
„Се работи за комплетно уништување. Ќе бидат потребни месеци работа за санација“, изјави премиерот на Нов Зеланд Џон Кеј откако со хеликоптер го надлета крајбрежниот град Каикура.
Спасувачките тимови се на терен во обид да им помогнат на локалните жители и да ги санираат штетите кои се проценуваат на повеќе милијарди долари.
Доводот на електрична енергија и телекомуникациските услуги не функционираат, а насекаде се видливи уништени патишта и големи свлечишта.
Првичното предупредување за опасност од цунами доведе до масовни евакуации, но подоцна беше повлечено.
Велингтон денеска практично е град на духови, откако на работниците им беше наредено да останат дома, додека градскиот совет ја анализира штетата врз зградите и инфраструктурата. Состојбата дополнително ја отежнуваат силните ветрови со брзина од 140 километри на час.
Стотици афтершокови го погодија островот, што дополнително ја зголеми тензијата меѓу граѓаните.
Крајстчрч, најголемиот град на новозеландскиот остров Саут Ајланд, во 2011 беше погоден од земјотрес со јачина од 6,3 степени во кој загинаа 185 луѓе.