Цеца доби домашен притвор
12 април 2011Во договорот со државата учествува и сестрата на Цеца, Лидија Оцокољиќ. Според портпаролот на обвинителството Томо Зориќ, обвинетите ја признале вината - Ражнатовиќ дека извршила кривично дело злоупотреба на службена положба и недозволено поседување оружје, а Оцоколиќ за злоупотреба на службена положба. Сестрите се обвинети дека од продажба на десет фудбалери на клубот „Обилиќ“ незаконски се стекнале со имотна корист од четири милиони германски марки и околу 3,5 милиони долари, во периодот од 14 август 2000 до 21 мај 2003 година.
Светлана Цеца Ражнатовиќ, според договорот со обвинителството, во домашен притвор треба да помине осум месеци, зашто од казната и‘ се одбиваат четири месеци, коишто веќе ги минала во притвор. Нејзината сестра во куќен притвор ќе биде 6 месеци.
Преблага казна
Директорот на Комитетот за човекови права Милан Антонијевиќ за Дојче веле изјави дека договорот со обвинетите, од аспект на државата е преблага, но дека не е од интерес на јавноста судењето да биде маратонско. Мислам дека државата има многу подобра преговарачка позиција, и дека не треба да го прифаќа првиот предлог за договор, вели Антонијевиќ:
„Ќе биде испратена многу лоша порака доколку по извршување вакви кривични дела имате можност за договор, кој според мене, е многу благ.“
Социологот Ратко Божаљ, пак, е на мислење дека договорот е добро решение:
„Се пронајде форма да не биде превиден законот и да не биде превидена вината, а и да не се превиди комплетната личност, која за дел од публиката, има одредено значење.“
Автор: ЕМФ/АТ/бета/дв
Редактор: Трајче Тосев