1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црни Вторници и Бели Лаги

30 ноември 2017

Наместо посакуваниот шок ефект врз јавноста, апсењата на опозициски сардини и гарнири ја принуди истата да се потсети на настаните од 27 април. Но сега од поурамнотежен, покритичен и здраво-циничен агол на согледување.

https://p.dw.com/p/2oY2Z
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Традиционално, големите бељи во Македонија редовно се случуваат кога Премиерот е вон земјата. Уште потрадиционално е кога и вториот по хиерархија, спикерот на Парламентот, онака – коинцидентално! -  е на службен пат. Но за разлика од минатите режими кога хистеричната братија реформисти, денес комотно сместена под опашот на власта, умееше да врисне до небо „Грујо патува, црно ни се пише”, сега веќе никој не се потресува од чудната „случајност” на полит-татковските службено-патни отсатности во црни часови. И тоа не е единствената симптоматична коинциденција од „црниот вторник” во која се апсеа виновниците за „црниот четврток”. Но наместо да ви бидат сервирани готовански, интересните подударности од минатото и сегашноста побарајте ги сами преку поблиску набљудување на ликовите кои завршија зад решетки, домашни притвори, домашни претреси и потполно отсаство од било каква санкција на ревносната едноока полиција на дискредитираниот Спасовски Оли.

Гледано од страна, апсењата беа лекција во живо за хиерархиите и кастинските недопирливости во распоредот на улогите низ партиите. Па така, од апсењата дознавме дека Чавков е сепак ситно рипче-залаче во споредба со Гордана Јанкулоска или Владимир  Пешевски. Исто како што на времето дознававме дека Љубе е пери-носи роба за еднократна-употреба, за разлика од Верушевски и Мијалков. Што севкупно води кон заклучокот за министерските профили и судбини во земјава базирани врз непишаното правило дека не си ербап министер, ако не си бајаги криминалец со сопствена клан-банда, медиумски загари(ци) и гарантирана евро-американска индулгенција. Доколку не, задоволи се со тоа да те нарекуваат Министре Билгим, Тевдовски, Адеми, Сугаревски. Трај си, знај си мукаетот, трулеј во фотеља, не се рчкај со газдите. И, побогу, не пипај копчета! 

Претходни колумни од авторот: 

Црвените Бригади на НАТО

Спор за Име и Мир со Корупција

Нели ти реков...

Изветреан кривично-правен наратив

Тоа е и поуката од вторничките настани. Наместо посакуваниот шок ефект врз јавноста, апсењата на опозициски сардини и гарнири ја принуди истата да се потсети на настаните од 27 април. Но сега од поурамнотежен, покритичен и здраво-циничен агол на согледување на нештата. Со дрската, безобразна, провидна вторничка акција на селективни апсења, Спасовски успеа да го изветрее кривично-правниот наратив за линчот во Собранието и ја сведе на политички процес во која допрва нема да може да се дестилира слепата правда од дневната политика. Бидејќи, колку и да ми се лично одвратни како појави и ликови типусите од сојот на Дамевски, Бетмени, Дурловски и слични бајати гарнири на минатата режим-мафија, единствено принципиелно е да се бара заштита на правата, правото и правдата се демонстрира токму кон таквите, за почит недостојни, ликови. За да утре правдата за обичните и немоќните биде сосема нормален, безмалку протоколарно очекуван свршен чин кој се подразбира сам по себе. 

Малку пауза од теоријата и ред-два практични и јавни прашања до Спасовски, Заев и Бејли. Зошто изјавите на наведените ликови давани пред и за време на настаните од 27 април се сметаат како достаточни за нивно приведување, а притоа ја пренебрегнувате изјавата на Зијадин Села во која безмалку отворено се сомничи Али Ахмети за учество во настаните? Зошто таквата „по дојавен збор” информација не е доволна за да се преземат мерки, барем за сослушување во полициска станица? Дали часовникот на Фатиме Лукас за мерење минути и секунди за Груевски нема сказалки за годините и месеците на чекање на Ахмети? Зошто гестикулациите на ВМРО-вските тетки ги сметате за корпус деликти, но не и релаксираните клештења на пратеници на ДУИ додека бесната толпа околу нив линч-ликуваше низ собраниските простории? Зошто Чавков е ексклузивно таргетиран како виновен за неспречување на упадот во Собранието, а притоа Агим Нухиу е „разбира се” однапред амнестиран од секаква одговорност поради наводна „неинформираност”? Иако токму неговиот партиски лидер Ахмети бил навремено, со часови (или денови?) предупредуван од СДСМ и Заев да не присуствува на седницата поради безбедносна закана по неговиот живот? Зошто Заев, свесен за заканите по безбедноста, навреме не го предупредил Нухиу да биде на штрек во испраќање помош, познавајќи ја поставеноста и наклонетостите на Чавков? Зошто за сомнителни лица се сметаат само оние кои наводно комуницирале со домашните и странските лица вмешани во нападот, но нема ниту збор за јавните лица со блиски, семејни и бизнис врски со странските разузнавачи вмешани во инцидентот?

Бели лаги на естаблишментот

Овие, и барем дузина други прашања и дилеми за смислата на Спасовски, Јанева, Заев, Бејли за спроведување на правдата ќе останат да висат неодговорени. И по нивна, не наша вина, одговорот ќе го бараме во сомнежот дека сите наши „црни вторници, понеделници, четвртоци” се бели лаги на естаблишментот низ кој се менаџираат успоните, падовите и преживувањата на моќниците. Потсмевот на нивните платенички мегафони е веќе недоволен за да таквите сомнежи однапред се дисквалификуваат како шпекулации и „многу гледање филмови”. Посебно не доколку разбереме дека единствените добитници од оваа последна драмолетна епизода се Груевски, Заев, Ахмети, а најголем губитник – опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, како што редовно бива, нај љубопитната глетка од пост-апсаната не е прошетката на Груевски низ барикади, туку неочекуваната замолчаност на про-реформските гласови од водството на ВМРО-ДПМНЕ, пред се генералниот секретар Мицковски и грст пратеници наклонети кон суштинска реорганизација на партијата од самиот врв па надоле. Втората љубопитна коинциденција е што апс-нападот врз „командантското” крило се користи како полигон за востоличување на генералскиот статус на Груевски. Но и навремена сопка за обидите на новите сили на ДПМНЕ да низ претстојните се-партиски „цивилизирациски”дебати во Германија и Франција се обидат да ја претстават сопствената реформска и модерирана програма. Во која нема место за Груевски и хибридниот клан на ВМРО – Демократска Алтернатива за македонско национално единство во улога на опозиција по мерка на Заев и Ахмети. Всушност, ако е Заев македонски Ахмети, што пречи да Груевски биде македонски Мендух?

Каде е опасноста?

Така е можеби замислено. Но пресметките од дома не секогаш врват на пазарот. Посебно во парично тегобниот јануари во кој муабетите по европски меани ќе се паметат колку и пијанствата од новогодишни пречеци. Но затоа вторничките апсења на „стоката за потрошувачка” ќе остане запаметена како настан-меѓник помеѓу излитеноста на "Вистината за Македонија” и растечката љубопитност на јавноста за „Лагата за Македонија”. Половично сервираните вистини на СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ и кооперативното крим-крило на СДСМ веќе не предизвикуваат ниту внимание ниту емоции кај граѓаните, барем недоволни за да привлечат и одржат внимание подолго од едно деноноќие. Следствено и во склад со некогашната максима на СДСМ дека "цело е кога има се”, нејзината Вистина за Македонија ќе биде целосна единствено кога некој ќе ги објави и вистините за дружбата на Заев и Шеќеринска, начините низ кои ја приграбија власта и нивните frenemy односи со дружбата Груевски – Мијалков.  Парадоксално до болка и според логиката на нештата, доколку Вистината за Македонија ни ја сервираа лажливци и измамници, неминовно е дека Лагата за Македонија останува линкот кој недостасува во целосно разбирање, разоткривање и отрезнување за реалноста во која не имаат сместено. Капитален пример и доказ за судирот помеѓу Лажната Вистина за Македонија и Вистината за Лагите во Македонија е какатоничниот молк на сите четири за улогата на Али Ахмети и ДУИ. Кои остануваат како традиционален литмус тест со кој се докажува ВМРО-СДСМ-овската споделена ментална, политичка и духовна матрица базирана врз криминал и корупција. Која ниту Моне, ниту Шуман нема да можат – ако воопшто сакаат – да ја изменат. Се додека не разберат и јавно признаат дека опасноста за Македонија и синдромот на нејзината пропаст не лежи во судирите помеѓу посточеките menage-a-troi партии. Туку напротив, во нивната соработка. 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач