1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чапутова - чиста спротивност на Орбан

Кено Верзек
1 април 2019

Зузана Чапутова со големо мнозинство беше избрана за претседателка на Словачка. Нејзиниот избор упатува на еден досега незабележан тренд во регионот: желбата за крај на популизмот и демагогијата.

https://p.dw.com/p/3G02v
Slowakei, Bratislava: Präsidentenwahl in der Slowakei – Stichwahl
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Svítok

Пред неколку месеци многу Словаци воопшто не знаеја која е Зузана Чапутова. Кога на почетокот на годината таа во анкетите забележа раст на поддршката, владејачките политичари започнаа да ја критикуваат како „кандидатка со ненормална ориентација“, „екстремистичка либералка“, „производ на медиумскиот маркетинг“, „неискусна девојка“.

И покрај сѐ, таа успеа. Активистката за човекови права, 45-годишната Зузана Чапутова, е избрана за претседателка на Словачка. Таа е прва жена на оваа функција во земјата. Чапутова освои речиси 60 насто од гласовите во вториот круг од претседателските избори, убедливо победувајќи го Марош Шевчович, актуелниот еврокомесар за енергетика.

Една година по убиството на словачкиот истражувачки новинар Јан Куцијак и неговата свршеничка Мартина Кушнарова ваквиот избор на словачките граѓани преставува јасен сигнал. Луѓето сакаат „пристојна земја“- така имено гласеше изборниот слоган на Чапутова.

Порака до малцинствата

Таа на избирачите по победата, исто како и по првиот круг гласање, им се заблагодари на словачки и на јазиците на малцинствата, меѓу другото и на унгарски и на ромски јазик. Тоа порано не му има паднато на ум на ниту еден владејачки политичар. Чапутова победата ја коментираше скромно, без триумфалистичка реторика. Изјави оти е среќна дека победила на начин кој многумина го сметаат за невозможен - без агресивни говори, ниски вербални удари и посегнување по популизам.

Повеќе:

-Словачка: Избори меѓу мафијашка структура или правна држава

Новата словачка претседателка е дијаметрално спротивен модел од бројни популисти, демагози и националисти, кои доминират во регионот, како на пример унгарскиот премиер Виктор Орбан. Таа, сепак, не е осамена, туку е дел од трендот кој често останува незабележан.

DW Quadriga - Keno Verseck
Кено Ферзек, автор на коментаротФотографија: DW

Чапутова се залага за таканаречена прогресивна политика, левичарско-либерални реформи чии поддржувачи веќе подолго време се обидуваат да ги пробијат во земјите од централна и југоисточна Европа. Тие не се залагаат, како класичните либерали, само за посилна правна држава, транспарентноти и добро раководење, туку пред сѐ за поголема социјална правда и општествена солидарност.

Прогресивна политика

Тоа се теми кои во овој регион се запоставени веќе три децении, а потребата за нив е огромна. Тоа го потврдуваат и анкетите во кои мнозинството граѓани за најголеми проблеми ги смета своите корумпирани политичари, непотистичката економија и лошата социјална политика, а не миграцијата или наводниот империјализам на Европската унија, како што тврдат демагозите.

Со изборот за претседателка на Словачка, Зузана Чапутова стана водилка на прогресивната политика во регионот. Како адвокатка и активистка таа веќе докажа издржливост во борбата против мафијашката политика. Во текот на предизборната кампања пак докажа дека знае како да ги придвижи луѓето.

Претседателската функција во Словачка не носи големи овластувања. Но гласот на Чапутова ќе има тежина во земјата. Ако на новата претседателка ѝ појде од рака да спроведе барем мал дел од политичките и социјалните идеи, тоа би бил вреден сигнал за целиот регион и можеби почеток на крајот на моделот Виктор Орбан.