Чулев бара одврзани раце за тековните активности во МВР
21 јануари 2020Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, бара Државната изборна комисија (ДИК) да се изјасни дали врзаните потписи се однесуваат само за прашања поврзани со организација на изборите, или генерално за сите тековни активности на МВР. Во изјава за државната новинска агенција МИА тој објасни дека барањето е испратено до ДИК, бидејќи во МВР има секојдневни активности како што се одржувањето јавен ред и мир, откривање и процесирање кривични дела од организираниот криминал.., а со врзаните потписи, се забавува работата и влијае на намалување на ефикасноста на МВР во однос на секојдневните такви активности.
Врзани потписи
Во став 3 од член 46 од Законот за Владата, се вели дека „дополнителниот заменик на министерот, заедно и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Според став 4, секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон. Членот 47 е дециден: „Ако актот или документот од членот 46 ставови (3) и (4) од овој закон е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство".
Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство. Одлуката на ДИК е конечна.
Повеќе:
-На министрите им е дозволено да го кршат Уставот?
-ДИК ќе пресече за началникот на СВР Скопје
-Се крчкаат смени на началници во МВР
Но, сосема е можно ДИК да не се изјасни по ова барање и да го препрати до собраниската Законодавно-правна комисија.
Пред една недела ДИК се прогласи за нанадлежна да решава за спорот меѓу техничките министер и дополнителната заменик-министерка околу именувањето на началник на СВР-Скопје. Од ДИК тогаш изјавија дека решението за назначување на раководна позиција од страна на министерот за внатрешни работи не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите.
Ваквиот став на ДИК наиде на одредени критики, имајќи предвид дека според членот 43 од законот мандатот на преодната Влада „е спроведување на избори на пратеници“, што значи дека сите нејзини активности се во функција на исполнување на таа цел.
Дневна доза недоразбирања
Поминаа повеќе од две недели од изборот на преодната влада, а нејзин главен белег остануваат секојдневните критики меѓу кадрите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
Од кабинетот на техничката министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, вчера ја информираа јавноста дека дополнителната заменик министерка, Санела Шкријељ, креирала упад во нормалното функционирање на МТСП.
„Санела Шкријељ вон законски рамки ја блокира работата на министерот во МТСП, го спречува нормалното функционирање на МТСП и нормалното движење на документите низ институцијата. Санела Шкријељ со нескриена партиска агенда врши притисок и мобинг врз вработените во МТСП", соопштија од кабинетот на Мизрахи.
Шкријељ одговори преку Фејсбук.
„Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи преку денешниот обид за разрешување на неколку в.д. директори директно сака да ги партизира Центрите за социјални работи и предизборно да купува гласови за ВМРО-ДПМНЕ од најранливите. Како одговорно лице коешто работи во интерес на граѓаните, нема да дозволам вработените во Центрите за социјални работи, корисниците на социјалните права и другите граѓани да бидат под партиски уцени, притисоци и манипулации“, напиша Шкријељ.
Обвинувањата се толку фреквентни, што јавноста се потешко може да ја следи „дневната доза недоразбирања“ меѓу политичките опоненти во преодната влада.
Но, она што привлече и најмногу внимание, и најмногу реакции, е однесувањето на дополнителниот заменик министер во ресорот земјоделство, Цветан Трипуновски. Тој минатата недела ја посети подрачната единица на министерството во Берово, придружуван од лице со вклучена камера. Откако побара да му се претстават и провори дали вработените се на нивните работни места, снимката ја објави на неговиот Фејсбук профил. Раководителот на подрачната единица во Берово, Гоце Милошевски, најави дека ќе поднесе кривична пријава против Трипуновски за неовластено снимање на работното место. Трипуновски тврдеше дека било јавен интерес снимката да биде објавена.