„Шведска е нападната“
7 април 2017Шведската полиција објави фотографија од лице по кое трага по нападот во Стокхолм, во кој, според досегашните информации беа убиени три лица, а повредени многу. Засега, како што се вели, нема уапсени и покрај тоа што на социјалните мрежи кружеше вест за еден уапсен по нападот. Портпаролот на Стокхолмската полиција на прес-конференција информираше дека по нападот во центарот на Стокхолм со камион не се регистрирани други инциденти. Шефот на безбедносната полиција Андерс Торнберг даде уверување дека се „прави сe‘ за да се расчисти случајот“. Полицијата од граѓаните побара да не доаѓаат во центарот на Стокхолм. Главната железничка станица, која извесно време беше затворена, сега е повторно отворена.
„Ова е напад врз сите нас“
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер изјави дека е потресен од нападот во Шведска. „Иако позадината се‘ уште не е позната: нашите мисли и солидарност се со жртвите и повредените, со нашите шведски пријатели и сите луѓе во Стокхолм“, изјави Штајнмајер, кој денеска е во посета на Грција.
Солидарност со Шведска по нападот изрази и претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер. Тој нагласи дека „напад врз една земја членка е напад врз сите нас“. Во писмото со сочувство испратено до шведската влада попладнево, Јункер оценува дека нападот е насочен „против нашиот стил на живеење“.