Шестката - кец од ракав за оспорување на изборите?
19 октомври 2016Македонија ќе оди на избори со нерешен проблем за Шестата изборна единица која има повеќе гласачи од законски дозволениот максимум, што е спротивно на Изборниот законик и може да биде основа некој да ги оспори изборите. Шестата изборна единица има 5,28 отсто гласачи повеќе, во однос на законски дозволеното отстапување од плус/минус 5 отсто во изборните единици. До распуштањето на парламентот партиите не постигнаа согласност како да го решат овој проблем. Тоа кај дел од аналитичарите остава сомнеж дека проблемот намерно е оставен отворен, за да може изборниот процес да биде оспорен поради нееднаквост на гласовите. Таа можност веќе отворено ја најави лидерот на ДПА, Мендух Тачи, по минатонеделната средба со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје.
„Поголемиот проблем е помеѓу нас и ДУИ, бидејќи ДУИ по никоја цена не дава Зајас и Осломеј да одат во 'петка' или 'четворка', затоа што 10.000 гласови што се крадат и се земаат со сила таму, обезбедуваат два пратенички мандата плус за ДУИ“, изјави Тачи. На прашањето - што ако се оди на избори без нерешени изборни единици, тој децидно одговори: „Тоа е противзаконско. Ние ќе поднесеме иницијатива и ќе ги оспориме изборите“.
ДИК навреме предупреди
Од Државната изборна комисија (ДИК), која навреме ги информираше надлежните институции за ваквите состојби, велат дека нивната обврска е завршена, но пратениците не си ја завршиле работата.
„Ние како Државна изборна комисија немаме надлежност врз законската материја, односно за измени во неа. Затоа навреме ги известивме Министерството за правда и Собранието, дека невоедначеноста на бројот на избирачи ја доведува во прашање еднаквоста на гласот и остава простор некој да ја доведе во прашање легитимноста на изборите. Но, ова како да не допре до партиите. Предвидената маргина од плус/минус 5 отсто разлика во бројот на гласачи, не е мала. Ако во една изборна единица се минус пет, а во друга пулс пет отсто, разликата е десет отсто, и се мери во пратенички мандати. Маргината би требало да биде од 1 до најмногу 3 отсто. Ние не знаеме дали некоја партија ова ќе го искористи за да ги оспори изборите, но и не можеме да го исклучиме тоа. ДИК нема правен инструмент каде да го адресира проблемот. Решавањето на тој проблем беше обврска на партиите“, велат од Комисијата.
Од таму посочуваат дека компаративната практика покажува оти вакви случаи биле причина за оспорување на изборите во повеќе земји, а од регионот такво искуство има Црна Гора.
Џентлменско молчење
Во партиите кои имаа доволно време навреме да го решат овој проблем, сега не сакаат да прогнозираат дали тој може да биде основа за оспорување на изборите. Од ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ молчат, од ДПА се недостапни за коментар.
„Прашањето околу врамнотеженоста на шестата со другите избори единици е прашање кое во изминатиов период се провлекуваше како отворено прашање, но за жал, јас не видов искрена желба и посветеност тоа да се реши на принципиелен начин“, вели Рената Тренеска Дескоска од СДСМ.
„Сепак, не сметам дека тоа може да се третира како прашање кое би го загрозило легитимитетот на претстојните парламентарни избори. Со оглед што Одлуката за распуштање на Собраниетобеше едногласно усвоена од сите партии, се наметнува заклучокот дека и претставниците на другите партии го делат истиот став, односно не го врзуваат легитимитетот на изборите со границите на шестата изборна единица. Инаку, која би била логиката да гласате за распишување избори кои однапред ги сметате за нелегитимни поради одредено законско решение?“, прашува Дескоска, и укажува дека прашањето за изборниот модел и за изборните единици треба да се решава во смирена атмосфера и не во очи на избори.
Таа се согласува дека еднаквост на гласот е значајно прашање, но посочува дека на него влијаат повеќе фактори, а не само бројот на запишани избирачи.
Досегашната изборна практика покажа дека изборниот модел кој постои во Република Македонија, пропорционален во шест изборни единици, дава ефекти на мнозински модел, односно има разлики во бројот на гласови со кои се избира еден пратеник, има загубени гласови и слично, што влијае на нееднаквост на гласот. За споредба Дескоска ги презентира следниве податоци од парламентарните избори во 2014 година: во втората изборна единица еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ бил избран со 7.464 гласа, еден пратеник на СДСМ избран со 8.120 гласа, еден пратеник на ДУИ со 8.015 гласа, а еден пратеник на ДПА со освоени 13.764 гласа. Во шестата изборна единица, еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ бил избран со 6.477 гласа, еден пратеник на СДСМ со 12.142 гласа, еден пратеник на ДУИ со 6.983 гласа, а еден пратеник на ДПА со 6.920 освоени гласа. Во третата изборна единица, еден пратеник на СДСМ бил избран со 8.155 гласа, а еден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ со 8.628 гласа.
„Овие примери зборуваат за загубата на гласови на одредени партии, за пренагласено мнозинство на други кое не соодветствува на бројот на добиени гласови, што води до заклучок дека проблемите со нееднаквоста на гласот најлесно и најправедно ги решавате со воведување на пропорционален изборен модел со Македонија како една изборна единица. Но, од друга страна, различната 'излезност' во 2014 во одредени делови на земјава, како на пример во некои изборни единици под 50 отсто, а во други над 70 отсто од избирачите кои тогаш беа запишани во Избирачкиот список, беа сериозна индикација за анализа дали тоа се должи на постоење на феноменот 'полнење гласачки кутии' или 'гласање во име на друг' во места за кои се знае дека се иселени или слабо населени, или пак на нешто трето“, укажува Дескоска.
Сега, кога веќе не се можни законски измени, се останува на факторот изнанадување, што создава психолошки притисок дали изборниот процес ќе се соочи со нови сопки. Или, како што неофицијално велат извори од владејачките партии, најверојатно сите „џентлменски“ ќе замижат пред проблемот, со ветување за негово идно, темелно решавање.