Штајнмајер: Без црно-бели слики за украинската криза
1 јули 2014„Со задоволство ќе ви донесев некои вонредни вести“, рече германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, кој изрази разочараност од последната рунда преговори меѓу Украина и Русија со посредство на Германија и Франција. Во понеделникот бевме многу блиску до договор кој ќе ни овозможеше простор за дишење, рече Штајнмајер кој денеска говореше на Глобалниот медиумски форум на Дојче веле во Бон. Како резултат на неуспехот на преговорите, украинскиот претседател Петро Порошенко подоцна најави крај на примирјето со проруските бунтовници во Источна Украина. Штајнмајер сепак се надева дека во следните денови сѐ уште е можно да се пронајде дипломатско решение за кризата. Само преку преговори може да се спречи натамошно крвопролевање во Украина. Заедничката контрола на границите од страна на Украина и Русија може да спречи трансферот на дополнително оружје во Источна Украина.
Диктатот на „кликовите“
Министерот очигледно не донесе вонредни вести, но изрази еден јасен став во однос на медиумската реалност во дигиталното време. „Доколку сакате да бидете модерен, вашето предавање може да има наслов кој, на пример, би гласел: '15 факти за надворешната политика кои ќе ви го свртат паметот'. Но мојот 'Базфид' говор за жал не е комплетен“, рече Штајнмајер.
Проблемот, според германскиот дипломат, е во тоа што и политиката како и онлајн медиумите сѐ повеќе се наоѓаат под диктат на бројот на кликовите. „Кликовите пред сѐ бараат едно нешто: многу нови и брзи слики и се плашам дека тоа ја става надворешната политика во аутсајдерска позиција“.
Фаталната моќ на сликите
Делумно драстичните фотографии кои секојдневно преку камерите на мобилните телефони и социјалните мрежи го наоѓаат патот до широката публика, имаат фатален ефект. Ваквите слики предизвикуваат едно очекување, имено во најкус можен рок да се спречат, на кој било начин. „Спротивно на ваквиот наплив од брзи слики, методите на надворешната политика делуваат бескрајно бавно“.
„Надворешната политика нема ни принуда, ниту наредба, туку се базира врз долги ноќни преговори во хотелска соба, како на пример во понеделникот вечерта меѓу Русите и Украинците. Од нив нема никакви слики. Тоа значи дека напорите за изнаоѓање мирно решение во нашето брзо дигитално медиумско време во јавноста предизвикуваат далеку помало внимание отколку грозоморните слики од војната.
Штајнмајер е свесен дека во време на војна светот честопати прави радикални поделби на добри и лоши, црно и бело, но тоа според него е погрешно. „Реалноста на овој комплексен свет не може да се опише со ваквите едноставни критериуми“.
Затоа Штајнмајер апелира до новинарите да си ги исполнат своите обврски: „Не смееме нештата да ги прикажуваме црно-бели, таму каде што доминира сивилото на несигурноста“. Во украинската криза се забележува дека постојат различни агли, кои произлегуваат од различните историски перспективи, рече шефот на германската дипломатија Штајнмајер во обраќањето пред Глобалниот медиумски форум.