Штајнмајер во Авганистан: Не ги постигнавме сите цели
9 февруари 2014Министерот Франк-Валтер Штајнмајер слета во германската база Мазар-и-Шариф и околу ангажманот на меѓународните трупи во Авганистан без заобиколување оцени: „Не постигнавме се‘ што сакавме да постигнеме.“
Сепак, она што е постигнато не смее да се потценува, нагласи Штајнмајер. Во Авганистан веќе не се обучуваат терористи. Тоа беше една од целите поставени пред 13 години. Освен тоа, децата повторно одат на училиште, подобрен е здравствениот систем, а многу културни добра се спасени од уништување.
Повлекувањето на меѓународните борбени трупи на крајот од годинава ќе значи пресврт, оцвени Штајнмајер и рече дека се надева оти многу од она што е постигнато во опасни услови по живот ќе се задржи и дека земјата ќе најде пат кон иднина без насилство.
Посетата на Штајнмајер не беше претходно најавена поради безбедносни причини. Тој во меѓувреме е во Кабул, на разговори со авганистанскиот претседател Хамид Карзаи. На средбата стана збор за повлекувањето на меѓународните трупи до крајот на 2014-та и ангажманот на Бундесверот потоа. Во моментов Бундесверот има 3100 војници во Авганистан, а од наредната година треба да останат максимум 800 германски војници кои треба да помогнат во обуката на авганистанската армија.
Во моментов не е сигурно дали во 2015 година ќе се продолжи со обука, со оглед на тоа што Карзаи одбива да потпише договор за заштита на странските војници. Тој има намера тоа да му го препушти на својот наследник, кој ќе се избира на 5 април.