Штајнмајер гледа континуитет во политиката на Русија
19 декември 2007Посетата на германскиот министер за надворешни работи на Русија беше исполнета со термини. Првиот веднаш рано изутрина во просториите на Газпром, претприетието што има монополска положба на полето на експлоатација на земен гас во Русија. При тоа Франк Валтер Штајнмајер и шефот на Управниот одбор на Гаспром Дмитри Медведев заеднички ја стартуваа експлоатацијата на новото наоѓалиште „Јужно руское„ во Западен Сибир.
Винтерсхал ќе работи на Сибир
Во неговото создавање и користење е вклучена и германската фирма Винтерсхал:„Во бизнисот со земен гас Винтерсхал е првото германско претпријатие кое презема 25% од акциите на руското претпријатие. Тоа покажува отворање на енергетскиот сектор на Русија за учество на западни фирми. Тоа е исправниот пат и посакувам да продолжиме по него и понатаму„ – порача Франк Валтер Штајнмајер во присуство на шефот на Управниот одбор на Гаспром Дмитри Медведев.
И гостинот и домаќинот оценија дека со учеството на Винтерсхал во проектот на Гаспром се отвора ново поглавје во германско-руските односи. „Тоа е нашиот заеднички придонес за енергетската сигурност во Европа, за процутот на европскиот континент„ – нагласи Медведев.
Каква ќе биде поделбата на моќта во Русија?
Тој и гостинот од Берлин се повлекоа веднаш и на разговор со најблиските соработници, кој протекол во многу добра атмосфера. Тоа не треба да зачудува, бидејќи Штајнмајер и Медведев се познаваат уште од времето кога беа шефови на кабинетот, првиот кај претходниот германски канцелар Герхард Шредер, а вториот кај рускиот претседател Владимир Путин. Сега се и двајцата вице премиери, а според сите очекувања Медведев наредната година ќе биде избран за нов претседател на Русија.
За тоа каква ќе биде поделбата на моќ меѓу Медведев и Путин, кој вети дека ќе стане нов руски премиер ако Медведев победи на претседателските избори во март, Штајнмајер не можеше да каже многу. На прашањето на новинарите кој ќе ја застапува на пример Русија на средбите на Групата Г8, шефот на германската дипломатија изјави:„Тоа се интересни прашања, на кои овде нема да добијам одговори. Тоа ќе биде чувствително прашање на поделба на работата меѓу идниот руски претседател и идниот премиер. Но, тоа и не е сега најважното прашање„ – порача Штајнмајер и додаде дека она што е битно, тоа е дека и по најновите кадровски решенија Русија ќе остане на курсот што го зацрта Владимир Путин.