Штајнмајер денеска на разговори во Израел
11 јануари 2009Утринава во Ерусалим, на почетокот од разговорите, тој се сретна со шефот на мисијата на Меѓународниот комитет на црвениот крст, Пјер Ветах, при што главна тема беше помошта за палестинското население во Појасот Газа. Штајнмајер допатува од Египет, каде вчера имаше опсежни разговори со претседателот Хосни Мубарак околу изгледите за реализација на египетскиот мировен план.
Средбата меѓу шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер и египетскиот претседател Хосни Мубарак траеше два пати подолго од планираното. Тоа се должи на фактот што гостинот од Берлин ја стави на дневен ред чувствителната тема на сопирањето на шверцот со оружје од египетска територија кон Појасот Газа. Тоа е еден од најважните услови за склучување траен мир меѓу Израел и Палестинците. Штајнмајер призна дека станува збор за тешка задача: „Знам колку сериозна е оваа задача, потполно да се прекине шверцот на оружје. Сепак, сакаме да ја поддржиме египетската влада во тоа настојување и затоа се договоривме за неколку дена во Каиро да пристигне група германски експерти, кои заедно со египетските колеги ќе ги разгледаат проблемите и ќе им понудат техничка помош за набљудувањето на границата кон Појасот Газа, како и тренинг за подобрување на граничната контрола.“
Сигнали на готовност за мировни преговори
Штајнмајер го пофали египетскиот мировен предлог, како и напорите на Мубарак да посредува меѓу Израелците и Палестинците. Во исто време со Штајнмајер во Каиро престојуваше и висока делегација на радикалното движење на Палестинците, Хамас. Тоа се толкува како знак дека Хамас е подготвен да преговара за примирје со египетско посредување. Во Каиро се најде и претседателот на Палестинците, Махмуд Абас, кој го предводи ривалското палестинско движење Фатах. Абас по средбата со шефот на германската дипломатија изјави: „Постои национален дијалог за враќање на различните партии во палестинското раководство. Хамас е дел од тоа раководство, дел од палестинскиот народ, тоа никој не може да го порекне.“
Египетскиот мировен план покрај преговорите меѓу страните во конфликтот предвидува и разговори за прекин на блокадата на Појасот Газа од страна на израелската армија и за отворање на границите. Впрочем таа блокада и ја предизвика сегашната војна, оценуваат експертите во Египет.