1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер: Македонија мора да придонесе за почеток на преговори

Силвера Падори-Кленке15 јануари 2014

Шефот на германската дипломатија вели дека Македонија ќе мора и самата да придонесе за решавање на спорот за името со што ќе и се отвори патот за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

https://p.dw.com/p/1Aqdk
Фотографија: Getty Images

Возовите во насока на Брисел заминуваат или застануваат на други станици. По Хрватска, која вчера (14.01) во Берлин го поднесе првиот шестмесечен биланс од членството во европското семејство, Црна Гора која работи на важните поглавја и Србија која идниот вторник (21.01) ќе го стартува пристапниот процес, уште еднаш неизбежно прашање на ДВ за германскиот шеф на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмајер беше: Останува ли Македонија поради спорот со името и грчката блокада „слепо црево“ на Западниот Балкан?

„Многу се надевам дека решението на спорот со името ќе ја означи стартната точка за пристапните преговори. Мора да има почеток, но, и Македонија треба за него да придонесе“, кусо коментираше Штајнмајер.

Од високи политички извори ДВ дознава дека при минатонеделната посета на Атина шефот на германската дипломатија со грчките колеги не го заобиколил и спорот со името, иако официјално на ниту едно место оваа тема не се спомена. Вчера, пак, по разговорите со својата хрватска колешка Весна Пусиќ, Штајнамајер подвлече дека покрај за билатералните и прашањата врзани за европските интеграции, се разговарало и за значењето на проширувањето за стабилноста на Западниот Балкан, за кое Унијата има своја одговорност.

Frank-Walter Steinmeier besucht Athen
Иако немаше информации во јавноста, во Атина Штајнмајер разговарал и за спорот со името!Фотографија: picture-alliance/dpa

Ништо без германската помош!

Членство на Хрватска во Унијата, како што кажаа учесниците на германско-хрватскиот форум е резултат на „тежок пат, на кој во моменти имало и фрустрации, на длабоките промени во општеството, на исполнувањето на задачите, целите, роковите“. Но, без поддршката од Германија, како што беше подвлечено, тој пат тешко би бил совладан и возможен.

По примерот на Хрватска и многуте дадени европски ветувања, сите надежи на очекувања на луѓето од земјите од Западниот Балкан се насочени кон ЕУ. Иако, не сите, а конкретно Македонија, немаат зад себе поддршка на некоја силна држава и мораат за секој милиметар напредок самите да се изборат. За оваа тема: Проширувањето и Балканот во дискусијата на Форумот, се осврна и Михаел Рот, новиот државен секретар во сојузното германско МНР од редовите на социјалдемократите, според кого токму Хрватите треба да потврдат дека се исплатува да се биде граѓанин на Европската унија.

„Според мене, носители на европските перспективи треба да бидат граѓаните на земјите од Западниот Балкан, заради тоа што тие добиваат погодности од вклучувањето на земјите во Унијата“, вели Рот. Говорејќи за барањата за брзото пристапно членство, кое треба да биде своевидна гаранција и да ја сочува стабилноста на регионот, Рот е категоричен дека вклучувањето во Унијата може да биде остварливо само тогаш кога ќе се исполнат критериумите. Без попусти, без влегување преку мала врата, со функционирање на правната држава, независноста на судството, борбата против корупцијата, стабилните демократски структури. За него во овој контекст се битни три моменти.

Mazedonien Fotolia Karte
Фотографија: Fotolia/Bastos

Поопасна замореноста кај кандидатите

„Значи најпрво пристапните преговори треба да бидат со позитивна порака кон граѓаните. Второ: Со исполнување на критериумите. Трето: Ние мора да помогнеме - мора да помогнеме! (...) Јас сум сигурен дека Хрватска ќе придонесе и ќе биде своевидно сидро на стабилноста, демократијата и правната држава во регионот“, е ставот на државниот секретар Михаел Рот околу проширувањето.

На проширувањето на Европската унија со земјите од Западниот Балкан, некои гледаат како на консолидација на ЕУ. Што се однесува до замореноста на Европската унија од проширувањето, Хрвоје Марушиќ од хрватското МНР подвлече дека многу поопасно ќе биде доколу таа замореност се пренесе врз земјите кандидати. Затоа, како истакна, „сите земји од Балканот треба што поскоро да го започнат приспаниот процес, зашто самиот старт, чинот дека го започнале вистинското доближување до ЕУ, ја менува внатрешната атмосфера во земјата и сите сили се концентрираат на суштинските работи“. Ова важи за сите, па и за Македонија!