Штајнмајер подготвен да разговора за односите меѓу Грција и Македонија
9 јануари 2014
„Сигурен сум дека патувам за Атина добро подготвен. Секако дека мојата подготвеност се однесува и за односите меѓу Грција и Македонија за кои сигурен сум дека ќе се разговара. Со Грција ќе разговарам за сите отворени прашања - како оние што се однесуваат на Европската Унија, така и за економската криза и односите со соседите“, изјави Франк-Валтер Штајнмајер, одговарајќи на прашање на ДВ: дали на разговорите кои ќе ги води во Атина тема ќе биде и Македонија и грчката блокада на европските интеграции на земјата?
Пред посетата на грчката престолнина, тој вчера попладне во Берлин имаше разговори со шведскиот ресорен колега Карл Билд. ДВ го праша шведскиот дипломат: каков ќе биде неговиот ангажман за надминување на долгогодишниот спор кој ги попречува евро-атлантските интеграции на Македонија?
„Скопје и Атина треба да бидат конструктивни. Да бидат подготвени да направат компромис кој е евидентно во интерес на двете земји и со кој ќе се овозможи Македонија да ги започне пристапните преговори со ЕУ, кои ги сметам за неопходни. Тоа е потребно за стабилноста со што ќе се покаже дека земјата оди нанапред. Македонија подолг период е во застој кој сметам дека треба да биде „прекршен“. Но, затоа е потребна добра волја од двете страни: и од Скопје и од Атина“, подвлече за ДВ првиот дипломат на Шведска Карл Билд.
Министерот за надворешни работи на Германија Франк-Валтер Штајнмајер денеска и утре (9 и 10 јануари) престојува во грчката престолнина. на агендата на Штајнмајер во текот на двата работни дена се грчкото претседателство со ЕУ и финансиската состојба на Грција. За овие теми Штајнмајер ќе разговара со комплетниот грчки државен врв: претседателот Папуљас, премиерот Самарас, првиот дипломат Венизелос , со бројни пратеници и стопанственици, како и со група германски и грчки ученици.