1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Штети од поплавите: Кога осигурувањата не сакаат ризици

Миодраг Шориќ
21 август 2021

Водата дојде со голема брзина и брзо и се повлече, но остануваат огромни штети, што доведува до очај кај многумина граѓани и установи погодени од поплавите, зашто некои немале ни шанса да се осигураат.

https://p.dw.com/p/3y9H0
Deutschland I Behinderten Einrichtung „Villa Dominik“ im Sauerländischen Menden
Вила Доминик по поплавитеФотографија: Marie-Ellen Krause/Villa Dominik

„Најголем дел од шутот го отстранивме“, вели Мари-Елен Краузе, која во Менден раководи со Вила Доминик, установа  за луѓе со физичка и психичка попреченост. Во средината на јули, по поројните дождови, во рок од само неколку часа вообичаено мирниот поток Хене се претворил во надојдена река и поплави големи делови од центарот во Менден. „Вреќите со песок, кои ги поставивме пред нашата установа, не можеа да ја запрат водата“, се потсетува Мари-Елен Краузе. Во Вила Доминик живеат 44 лица, делумно со највисок степен на инвалидност. За нив е потребна непрекината 24-часовна нега.

Од установата потокот не се ни гледа, тој е оддалечен 150 метри. Но, кога Хене надошол, кога количеството на вода во него се зголемило десеткратно повеќе од вообичаено, водата навлегла и во приземјето на Вила Доминик. Станарите, за среќа, можеле навреме да бидат префрлени во погорните катови. Колку брзо надошол потокот, толку брзо водата и се повлекла, но штетите се огромни, се проценуваат на околу половина милион евра, вели Мари-Елен Краузе. Тоа е висока сума за непрофитното здружение за телесно и повеќекратно инвалидизирани лица, ВКМ. А раководителката има проблем да обезбеди пари.

Deutschland I Behinderten Einrichtung „Villa Dominik“ im Sauerländischen Menden
Приземјето на Вила Доминик под водаФотографија: Marie-Ellen Krause/Villa Dominik

Осигурителните компании одбиваат склучување договор

Притоа, Здружението инсистирало на склучување осигурување од елементарни штети кога во 2009 година се вселило во објектот. Меѓутоа, осигурителните компании одбиле, сите по ред, очигледно имајќи ги во вид настанатите трошоци по поплавата од 2007 година. Тогаш  осигурителните компании морале да бркнат длабоко во џебот за да ги покријат штетите, па такво нешто изгледа не сакаат да доживеат повторно, барем не во Менден.

Така, ВКМ не успеало да склучи осигурување од елементарни штети, односно осигурување кое би покривало штети настанати од природни непогоди како силни дождови, лизгање на земјиште или поплава. На тој начин, барем индиректно, осигурителните компании го принудиле Здружението самото да ги сноси ризиците од поплави.

По поплавите во Германија: Прво борба за живот, сега за економска егзистенција

Сега на сите им е јасно дека Здружението само е немоќно - од каде би нашло половина милион евра за да ја продолжи работата? Поплавата го уништила лифтот, без кој станарите во инвалидска количка не можат да бидат транспортирани од еден на друг кат. Водата го уништила и специјалниот транспортер, системот за аларм во случај на пожар и уште многу нешта. Мари-Елен Краузе се надева во приватни спонзори , но уште повеќе во политиката.

Кој ги сноси ризиците од промената на климата?

Катастрофалните поплави преоптоварија безбројни социјални установи во Германија, исто како и семејства и фирми и дуќани. Според проценките на Сојузот на германски осигурителни компании, ГДВ, само 46 проценти од објектите се осигурани од природни непогоди. ГДВ отфрла законска, задолжителна обврска на сопствениците за склучување вакво осигурување, со образложение: осигурителната бранша не може самата да ги носи на свој грб последиците од промена на климата.

-повеќе: 

Германија: За поплавите и хероите

Живееме во време на климатска криза

Колку ќе чини „поплавата на векот“ во Германија?

Сосем поинакво е мислењето на оваа тема на пратеникот од СПД, Себастијан Хартман, кој во разговор за Дојче веле пледира за осигурување од елементарни штети за сите сопственици на куќи. Државата треба да изнајде соодветни модели, вели тој. Слично размислува и покраинскиот премиер на Баден Виртемберг, Винфрид Кречман од Партијата на зелените. Според него, сопствениците на објекти и недвижности мораат да формираат солидарна заедница, во спротивно штетите од непогоди во иднина ќе бидат речиси несовладливи. Претставниците на сите граѓански партии се согласни дека како последица на климатските промени, ќе зачестуваат екстремните временски услови.

Причина повеќе за брзо наоѓање решение. Засега на помош притекнува државата со пари од даночните обврзници: на располагање првично беа ставени 400 милиони евра итна помош. Освен тоа, владата на 18 август го одобри пакетот помош тежок милијарди евра. За обнова на куќите, фирмите, улиците, мостовите и шините во наредните години треба да бидат одвоени 30 милијарди евра, од кои 16 милијарди веќе годинава.