1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што донесува договорот од Париз?

Ј.Мајр/ртр/афп13 декември 2015

Организаторите и учесниците самите го слават својот „историски исчекор“ во глобалната политика за климата. Но што навистина донесува договорот? Дали е правно обврзувачки? Дали со право се нарекува „историски“?

https://p.dw.com/p/1HMg4
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press/Z. Lei

Што донесува договорот за климата? На почеток во секој случај премалку. За пет години стапува во сила и предвидува во втората половина од овој век да се воспостави рамнотежа меѓу издувните гасови кои го создаваат ефектот на стаклена градина и она што земјата може да го апсорбира. Ама, толку дрвја не може никој да насади. Така што фактички тоа значи дека државите мораат драстично да го намалат производството на јаглерод диоксид (ЦО2). Крајната цел е глобалното затоплување да се задржи значително под два Целзиусови степена. Целта која е зацртана, на барање на малите островски држави, е дури 1,5 степени, но во договорот всушност стои само дека земјите мора да се стремат да ја достигнат оваа цел. И со оглед на тоа што досегашните планови за заштита на климата не се доволни, во наредните три години ќе се зборува за тоа како да бидат подобрени. И дури од 2023. година државите би требало во редовни временски интервали да ги проверуваат овие мерки.

Што државите можат конкретно да сторат?

Да се откажат од употребата на јаглен, нафта и гас и да градат ветерници, да поставуваат соларни панели, да употребуваат геотермална и хидроенергија. Сиромашните земји, кои тоа не можат да го постигнат со сопствени сили, мора да бидат потпомогнати од страна на богатите земји.

Кој добива пари и од кога?

Индустриски развиените земји уште од Климатската конференција во Копенхаген ветија дека од 2020. година на земјите во развој за потребите за заштита на климата ќе им стават на располагање 100 милијарди долари годишно. Голем дел од оваа сума е собран. Договорот од Париз ги поттикнува и земјите со забрзан економскки развој да дадат свој придонес. Тие истотака треба да ги намалат емисиите на штетни гасови. Индустриски развиените земји се навистина предизвикувачи на климатските промени и треба да понесат најголем дел од товарот, но и големите земји во забрзан развој толку ги зголемија економскиот раст и емисијата на штетни гасови така што без нивно учество не е возможно да се постигне намалување на глобалното затоплување. Меѓутоа овие земји не сакаат нивниот стопански раст да биде нарушен со строги норми. Токму поради тоа пропадна самитот во Копенхаген во 2009 година.

Зошто сега беше возможно а во Копенхаген не?

Затоа што овојпат на државите им е оставено да го сторат тоа доброволно и затоа што во ист брод се и двата најголеми загадувачи Кина и САД, кои пак тука не се доброволно туку ладно и економски пресметано. А со инвестициите во соларна, хидро како и енергија од ветер некои места ќе заработуваат повеќе отколку со трговијата со нафта.

Frankreich Cop21 Klimagipfel in Paris Klimaabkommen beschlossen
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Guillot


Дали договорот од Париз е правно обврзувачки?

Тој се состои од еден правно обврзувачки како и од необврзувачки дел- бидејќи, така му се овозможува на американскиот претседател да го протурка договорот во Конгресот на САД без оглед на републиканското мнозинство. Но, обврзувачки или не, не постои полиција на ОН, која во случај на повреда на договорот би вмарширала во некоја земја. Експертите меѓутоа сметаат дека ниту една земја поради меѓународниот притисок, противењето на сопствените граѓани и стопанството нема да истапи од парискиот договор.

Дали договорот од Париз е историски?

Големи зборови, ама факт е дека досеја никогаш со ниту еден договор сите држави од светот не се обврзале на заштита на климата. Протоколот од Кјото од 1997. година ги обврзуваше само индустриски развиените земји. канада истапи од договорот, а Кина и САД, значи најголемите загадувачи, не беа дел од протоколот. Договорот од париз целосно ги преврте процесите: наместо целта да се пропишува од врвот, земјите сами однапред одлучија што сакаат да направат. Потоа сето тоа се сублимираше и беа извлечени заклучоци и од тоа настана договорот. Токму тоа е , едноставно кажано, идејата која стои зад парискиот договор за заштита на климата. Сега меѓународната заедница мора тоа да го надгради, доколку е можно во најбрз можен рок, советуваат научниците и заштитниците на животната средина.

Frankreich Cop21 Klimagipfel in Paris Demonstration
Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Laurent