1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што може да се научи од успехот на Трамп?

Инес Пол
26 септември 2016

Првата ТВ-дебата на Клинтон и Трамп ќе ја следат над 100 милиони луѓе. Се очекува тоа да биде најголемиот политички ТВ-настан во историјата. Зошто е тоа така и што светот може да научи од Трамп? Коментар на Инес Пол.

https://p.dw.com/p/2QaO7
USA Rede Donald Trump in Miami
Фотографија: Getty Images/J. Raedle

1. Инсценирање наместо содржина

Во историјата на телевизијата досега никогаш немало политички настан кој ќе го следат толку многу луѓе како првата ТВ-дебата меѓу Хилари Клинтон и Доналд Трамп. Пред екраните ќе седат над 100 милиони луѓе - во САД и други земји во светот. Тоа има врска не само со глобалното значење кое го има функцијата американски претседател, туку пред сѐ со стилот на Доналд Трамп, каков што светот досега не видел. Трамп знае своите настапи мајсторски да ги претвори во спектакл полн со провокации и кршење табуа. Очигледно тоа има одек кај многу луѓе, на кои суштинско соочување со факти во овој компликуван свет им е пренапорно, па можеби дури и фрустрирачко.

2. Тврдења наместо факти

Тактиката на Трамп и неговиот тим се состои во повторување невистини онолку долго додека тие од страна на јавноста не бидат проголтани како факти. Проблемот притоа е што во САД веќе нема институции кои располагаат со доволен степен на веродостојност за да ги „разголат“ ваквите тврдења и да ги прикажат какви што се: чисти лаги. Во оваа екстремно поларизирачка кампања се истоштени општествените сили кои би можеле да ја исполнат оваа задача. Таквото потфрлање на елитите е опасност која треба да се сфати сериозно. Демократиите ги губат своите инструменти за спречување на демагозите да надвладеат со јавното мислење преку целни дезинформации.

3. Квоти наместо новинарство

Медиумите го направија Доналд Трамп голем, затоа што својата новинарска задача ја жртвуваа во име на квотите. Затоа што тој нов стил, тоа нападно однесување на Доналд Трамп кое тој го негува од почетокот, ветуваше добри квоти за подолг период. Затоа се прескокнуваше преку секоја пречка што Трамп им ја предизвикуваше на новинарите. Предизборниот настап се претвори во повеќечасовен телевизиски пренос кој на бизнисменот од Њујорк му пружи повеќечасовна платформа за самореклама. Новинарите почнаа предоцна во текот на кампањатада ги проверуваат неговите тврдења и да поставуваат дополнителни прашања. 

Pohl Ines Kommentarbild App
Инес Пол

4. Живот во паралелни светови

Појавата на социјалните мрежи остава сѐ помалку простор за широки сфери на комуникација. Избирачите остануваат сѐ повеќе во својот сопствен свет, разменуваат мислења само со истомисленици, се информираат за медиумска понуда и услуги кои воопшто не информираат објективно и не одмеруваат аргументи. Мејнстрим-медиумите досега не најдоа пат во овие паралелени светови на социјалните мрежи. Доналд Трамп тоа го сфати многу рано и преку Твитер најде пат да комуницира директно со своите поддржувачи. Некомплексната јасност на неговите пораки е како измислена за мрежи кај кои бројот на знаци е ограничен.

5. Копнеж по решенија

Не игра улога колку се реални плановите на Трамп, на пример за изградба на ѕид на границата со Мексико или за победа врз ИД со воени напади. Луѓето се фрустрирани и губат надеж, несигурни се и се плашат дека ќе мора да се откажат од својата благосостојба и затоа сакаат да веруваат во едноставни решнија. Тие се чувствуваат сериозно сфатени затоа што Трамп е конкретен, ветува конкретни проекти и именува виновници. 

6. Протест против постоечкото

Ниту еден кандидат за претседател досега не се поврзувал толку многу со естаблишментот како Хилари Клинтон. Она што нејзините приврзаници го нагласуваат како компетенција, за нејзините критичари и противници е пред сѐ доказ за тоа колку е коруптивен политичкиот систем и колку многу елитите ја сфаќаат земјата како самопослуга. Затоа и Берни Сандерс беше толку успешен - затоа што се појави како аутсајдер. Многу луѓе се исфрустрирани од политичкиот систем. Оттука, голем дел од поддршката за Доналд Трамп е резултат и знак на протест.

7. Отфрлање на реалноста

Луѓето сонуваат за минато кое нема иднина во еден глобализиран свет. Пропагандата на Трамп и неговите фантазии за моќ во голем дел се отфрлање на стварноста. Неговиот успех има врска со образовното ниво на Американците, но тоа не е и единствена причина, зашто голем дел од неговите поддржувачи имаат завршено средно образование. Сѐ повеќе луѓе живеат сѐ повеќе во виртуелни светови и губат контакт со реалноста. Не е случајност што Доналд Трамп беше толку успешен како модератор на едно ријалити-шоу.

8. Сѐ е можно

На почетокот на оваа изборна година никој не сметаше дека е можно Трамп навистина да ги победи своите внатрепартиски противници и дека може да има сериозни шанси да стане претседател. Не само Брегзит, туку и феноменот Доналд Трамп се доказ дека естаблишментот треба што побрзо да се симне од висините и да почне да се занимава со секојдневните проблеми на избирачите. Можеби има само еден Доналд Трамп и можеби американскиот изборен систем е особено подложен на расположенија и популизми, но во крајна линија тоа е сепак општествена клима на сѐ подлабоки јазови меѓу супер богатите и луѓето кои живеат на работ на егзистенција, чиј резултат е успехот на Трамп. А, ваквата атмосфера и расположенија ги надминува границите на САД.