1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што се случува во белоруските шуми на границата со Украина

Алес Петрович
22 април 2022

Кога почна војната во Украина, руските трупи влегоа во областите околу Киев и Чернихив од територија на Белорусија. Во меѓувреме, тие исчезнаа од таму, но дали сѐ уште се присутни на југот на Белорусија?

https://p.dw.com/p/4AFdm
DW-Reportage - Grenze der Ukraine mit Belarus und Polen.
Шумско подрачје меѓу Белорусија и УкраинаФотографија: Oleksandra Indiuchowa/DW

„Не може да се прави споредба со она што се случуваше во февруари или март, кога покрај нас поминуваа бескрајни колони возила, прво во правец кон Украина, а потоа повторно назад“, вели жителка на белорускиот град Мазир за руската војска. Јелена, како што се претставува, известува дека во нејзиниот град денес ретко се гледаат мажи во воени униформи.

Меѓутоа, единиците на руската армија не им го привлекоа вниманието на луѓето во јужна Белорусија дури кога започна војната против Украина на 24 февруари, туку уште на почетокот на годината, за време на руско-белоруските маневри што се одржаа пред рускиот напад.

Според Јелена, последните неколку недели во Мазир биле тензични, иако руската војска била стационирана во камп надвор од градот. „Често можеа да се видат во трговски центри, барови и ресторани. Не знам дали имало конфликти со локалното население, барем ништо не сум слушнала, но Русите понекогаш се однесуваа како 'господари', многу грубо“, вели таа.

Кога руските војници се повлекоа од Украина, од таму донесле апарати за домаќинство и други украдени работи. Според Јелена, војската се обидела на спонтано подигнат пазар сето тоа да им го продаде на жителите на Мазир. Се продавало дури и дизел гориво, кое било барано. Но, војниците избегнувале да зборуваат за „украинското прашање“, се сеќава Јелена, додавајќи: „Велеа дека им е забрането да зборуваат за тоа“.

Ukraine | Kriegsschäden in Irpin
Разурнувања во Ирпин, кај Киев, по повлекувањето на руските трупиФотографија: Alexey Furman/Getty Images

Тишина на пругите

Во меѓувреме, и на белоруските железнички станици во близина на границата со Украина, веќе нема воена опрема. Жителите на Гомел, Мазир и другите градови во регионот на социјалните мрежи пишуваат дека сега ретко се гледаат транспорти со оклопни возила, тенкови и друго тешко вооружување. „Најчесто се транспортира оштетена опрема, која веројатно не може да се поправи на лице место“, вели жител на Гомел.

Фактот дека железничката мрежа во Белорусија сега ретко се користи за транспорт на воена опрема може да се припише и на саботажите врз инфраструктурата на белоруските железници. Има извештаи за најмалку десет случаи на саботажа во Белорусија од почетокот на војната против Украина. Некои од нив се официјално потврдени од властите, па дури и класифицирани како „акти на тероризам“.

Забрането влегување во шуми

Додека руските војници веќе не паѓаат толку в очи во големите градови во Белорусија, жителите на белоруските села во пограничните области со Украина сега чувствуваат дека во нивните шуми имало руски единици.

Така, од 18 април, во десет области во регионот Гомел и во три области во регионот Брест влегувањето во шумите е или ограничено или целосно забрането. Официјалната причина за забраната е високата опасност од пожари. Но, селаните не сакаат да веруваат во ова, особено што пролетта годинава е студена и досега не се забележани шумски пожари.

Ukraine Krise | Russische Militärtechnik an der Grenze zwischen Belarus und Ukraine
Транспорт на руска воена техника на границата на Белорусија со УкраинаФотографија: Privat

Михаил, кој живее во Олмани, во регионот Брест, повеќе верува во гласините дека во шумата биле оставени муниција и оружје. „Сега многу се зборува дека во нашите шуми и мочуришта сè уште има скривалишта, каде што руската армија складирала мини и експлозиви за да ја води војната против Украина. Но, нешто сигурно тргнало наопаку“, вели човекот.

Во прилог на ваквата претпоставка одат и инструкциите од властите за луѓето во белоруско-украинската гранична област. Според тие инструкции, мора да се пријави откривање оружје, муниција или експлозив. Секој што нема да го стори тоа, може да биде гонет кривично. Локалните жители велат дека порано немало вакви пораки.

„Заштита од можни саботери“

Во белоруските шуми, особено во областите на регионите Брест и Гомел, кои се граничат со Украина, сѐ уште има движење на армиски единици. Сепак, тоа веќе не се руски војници, туку припадници на белоруските вооружени сили. Според белоруското Министерство за одбрана, „војниците продолжуваат да извршуваат задачи за зајакнување на делови од јужната граница на земјата“.

- повеќе: Лукашенко се колне на неутралност, Украина тврди – белоруски трупи се на наша територија

Според белоруски мајор, кој сака да остане анонимен, операцијата официјално е опишана како „заштита од можни саботери и нелегални вооружени групи“. Сепак, соговорникот на ДВ наведува дека ситуацијата на границата со Украина во моментов не дава голема причина за загриженост.

- повеќе: Литванците стравуваат од конфликт: „Ние би можеле да бидеме следни“

Од друга страна, шефот на белорускиот Совет за безбедност Александер Волфович во интервју за белоруските државни медиуми изјави дека не се исклучени „провокации против Белорусија“ со цел „земјата да се вовлече во конфликт“.