170311 Tschernobyl Japan
18 март 2011Експертите на еколошката организација Гринпис, кои беа во мисија во околината на Чернобил токму во деновите кога пристигнаа првите информации за проблемите со атомските постројки на северот од Јапонија. „Бевме таму во Чернобил, кога пристигнаа вестите од Јапонија и кога ги погледнав лицата на луѓето околу мене ми стана јасно дека, иако не знаеме што точно се случува и ќе се случи во Јапонија, сепак и таму за 25 години веројатно ќе изгледа како во Чернобил“, појаснува активистката на Гринпис, Аслихан Тумер.
Таа и нејзините колеги од Гринпис со мерни инструменти утврдија дека последиците од пожарот во нуклеарниот реактор во Украина се чувствуваат и ден денес. По експлозијата, имено, се разви голем облак со радиоактивни честички, кој го загади не само поширокиот регион околу постројката, туку дел од зрачењето се почувствува и во големи делови од Западна и Северна Европа.
Загадено поширокото подрачје
„Патувавме во подрачја, кои се доста оддалечени од забранетата зона околу Чернобил. Но, и таму откривме зголемено количество радиоактивно зрачење и тоа пред се` во млекото и други прехрамбени производи. Тоа значи дека тамошното население и денеска е изложено на зголемена радијација.“
Од тоа се особено погодени децата, додава експертката на Гринпис:
„Таму откривме генетски промени кај децата. Станува збор за деца, чии родители биле изложени на зголемено зрачење пред 25 години. Кај некои од децата недостасуваат цели внатрешни органи, кај други се појавуваат сериозни проблеми со срцето.“
Штета за повеќе генерации
Експертите немаат општо прифатен став околу тоа, уште колку долго ќе има последици од катастрофата во Чернобил. Според некои студии, станува збор за цели единаесет генерации. Од друга страна, некои истражувања на последиците укажуваат на фактот дека природата во околината добро се опоравува:
„Во некои подрачја природата навистина одлично напредува, но и таму останува главниот проблем, имено тие се и понатаму загадени со радиоактивен материјал. Шумските плодови и печурките се загадени, млекото што го даваат кравите е загадено...“
Предности и маани
Дали катастрофата во Фукушима ќе добие такви размери како онаа во Чернобил пред 25 години уште не е јасно. Експертите на Гринпис сметаат дека загадувањето нема да зафати толку големи подрачја, како во случајот на Чернобил, бидејќи таму радиоактивниот материјал беше исфрлен во атмосферата поради експлозијата. Тоа не би требало да се случи во Јапонија. Но, од друга страна, доколку во Фукушима дојде до топење на јадрото на постројката, тогаш радиоактивноста во непосредната околина на централата ќе биде поголема отколку во Чернобил. А, јапонската територија е многу погусто населена, од онаа на Украина.
Автор: Ирене Квајле / Горан Чутаноски
Редактор: Симе Недевски