Џеф Безос неколку часа најбогат човек во светот
28 јули 2017Основачот на Амазон, Џеф Безос, синоќа во одреден момент стана најбогатиот човек на светот, надминувајќи го Бил Гејтс, основачот на софтферскиот гигант Мајкрософт, благодарение на скокот на цената на акциите на Амазон на берзите, пренесе денес американскиот економски магазин Форбс.
Богатството на генералниот директор на Амазон, основан во 1994 година во Сиетл, со краткотрајниот скок на курсот на акциите на овој интернет гигант се искачи на 90,5 милијарди долари, додека она на Бил Гејтс беше 90 милијарди долари.
Падот на добивката на Амазон неколку часа подоцна предизвика пад на курсот на акциите на овој концерн, и повторно воспоставување на старата ранг-листа на најбогати луѓе во светот.
Поголем дел од богатството на Безос е неговото учество во капиталот на Амазон. Безос е сопственик на акции во својата компанија во вредност од 80,89 милиони долари, што е околу 17 отсто од капиталот на Амазон.
Во последните четири месеци акциите на Амазон поскапеле за 24 насто на берзите, што за Безос значеше зголемување на богатството за околу 17 милијарди долари, иако е тоа само потенцијално богатство, сѐ додека не ги продаде овие акции.
Бил Гејтс во последните 4 години беше прв на листата на Форбс на најбогати луѓе во светот. Пласманот на Безос на чело на списокот на најбогати луѓе во светот меѓутоа го симболизира растот на „новата економија“, главно на интернет гигантите.
Меѓу првите 10 најбогати луѓе во светот е и основачот на социјалната мрежа Фејсбук, Марк Закерберг, чие богаство во моментов е проценето на 72,9 милијарди долари.