Најдобриот ден на Џеф Безос
20 јули 2021Основачот на Амазон беше придружуван од одбрана група: неговиот брат, 18-годишен патник од Холандија и 82-годишна поранешна несудена астронаутка од Тексас- истовремено најмладиот и најстариот патник во вселената во историјата.
„Најдобриот ден досега“, рече Безос откако капсулата се спушти на земјата на крајот на 10-минутниот лет.
Денот на полетувањето беше внимателно избран за да се поклопи со годишнината од слетувањето на Аполо 11 на Месечината пред 52 години. Безос се држеше до распоредот и покрај тоа што друг милијардер- сопственикот на Вирџин Ричард Бренсон побрза и уште пред девет дена стигна до вселената.
Ракетата „Нов Шепард“ именувана по Алан Шепард- првиот американски астронаут во вселената- полета од западен Тексас. За разлика од леталото на Бренсон кое беше управувано од двајца пилоти, ракетата на Безос беше целосно автоматизирана. Утеха за Безос е што иако задоцни зад Бренсон, сепак капсулата „Блу Ориџин“ успеа да достигне височина од 106 километри- 16 километри повисоко од летот на Бренсон на 11 јули.
Откако беше достигната највисоката точка, патниците имаа можност да се движат неколку минути во безтежинска состојба низ капсулата. Капсулата потоа се спушти на земја со помош на падобрани, на моменти достигнувајќи потисна сила од 6Г.
Планот на Безос и на Брансон е наскоро да почнат да нудат туристички патувања до вселената и назад за заинтересираните авантуристи и луѓе со длабок џеб.