10 или 18
7 април 2018Дебатата околу зголемувањето на персоналниот данок од 10 на 18 отсто за оние што имаат примања над 1.000 евра (и тоа само за оној дел од приходите над таа сума, кој може да биде и пет евра, но и 5.000 евра), барем засега, остана само на површината. Вообичаено за македонската јавност таа дебата се сведе на бројки колку пари ќе влегле во буџетот со ова ново оданочување, за што ќе се потрошеле тие средства - и на отворен бес од оние што заработуваат повеќе, а и на најавите дека огромен број луѓе размислуваат како да го изиграат можниот нов закон и да воспостават систем на даночна евазија.
Оваа површна дебата покажа и дека се работи за политичка борба како да се зачува системот на рамниот данок, кој беше инсталиран пред десетина години, за понатаму да се велича како најдобар економски систем што можело да се спроведе во Македонија. Едноставно кажано, ВМРО-ДПМНЕ и онаа класа што енормно се збогати за време на владеењето на Никола Груевски сакаат ништо да не се чепка во сегашниот даночен систем, а новата левичарска владејачка структура сака да остави печат со свои политики, а не да удри штембиљ со неограничено важење на проектот што го воведоа нејзините претходници. Тоа е легитимна политичка борба, за тоа се подготвуваат изборни програми и со нив се оди на избори.
Без оглед колку често се појавува во судниците во процесите на СЈО, Груевски има време да разбере дека најавеното ново оданочување на оние што примаат поголеми плати е удар на едно од неговите најважни наследства – рамниот данок. Меѓу две судења тој реши да застане зад она што го инсталираше. Во своето обраќање преку „Фејсбук“ тој го напиша ова:
„Пред некој ден, во обид да го оправда зголемувањето на персоналниот данок на доход Зоран Заев кажа дека не можело некој да плаќа ист данок на 10 илјади денари и на 10 илјади евра плата (приближно 610.000 денари). Ова во смисла дека со рамниот данок и оние со плата од 10 илјади денари и оние со плата од 10 илјади евра плаќаат исто данок и затоа не чинел рамниот данок. И навистина, ако човек површно ја прими информацијата ќе му звучи логично и правично. Но, во реалноста тоа не е така со рамниот данок. Тој со 10.000 денари нето плата, грубо пресметано, плаќа 1.000 денари персонален данок на доход. Тој кој зема 10.000 евра плата, или во денари околу 610.000 денари, плаќа околу 61.000 денари персонален данок на доход, што повторно е 10%, но на 610.000 денари нето земена плата. Дали 1.000 денари и 61.000 денари платен данок во еден месец се исто? За Заев е исто, очигледно. Но, во реалноста не е исто.
Но она што Заев не го кажа е дека зголемувањето на даноците ќе ги натера фирмите и вработените да размислуваат за избегнување на плаќањето данок. Фирмите ќе ги направи 'креативни‘ во тој правец и подготвени за поголеми ризици при даночната евазија. Затоа што по новиот закон, тој кој плаќал 61.000 денари персонален данок (данок од платата), во иднина ќе треба да плати околу 110 илјади, или 49.000 повеќе и за толку ќе му се намали платата. Многумина тоа ќе го сфатат како нефер и ризикувајќи ќе најдат начин официјалната плата наместо 10.000 евра да им биде официјално, на пример, 500 евра и на таа плата да платат данок околу 3.000 денари, а остатокот да го извадат за себе, без воопшто да платат данок во Буџетот".
Врева на сите страни
Овој малку поголем цитат покажува три работи: прво, поранешниот премиер направил погрешна пресметка, затоа што данок од 18 отсто ќе се плаќа на 9.000 евра, а не на 10.000, па сите калкулации се погрешни; потоа, дека Груевски се бори за своето политичко наследство; и трето, дека дава своевидно упатство како уште сега да се размислува за изигрување на законот што би требало да се донесе. На некоја маса на која што седат богати бизнисмени (за македонски прилики) ваков разговор би значел потрага по „креативни решенија“ за смирување на гневот, но кога еден поранешен премиер дава насоки како тие да влезат во можен судир со законот тоа е веќе нешто друго.
По бучната врева во јавноста премиерот Зоран Заев се обиде на проектот што долго време го заговара неговата партија и кој беше дел од кампањата за изборите, да му даде практично објаснување: „Пресметките околу моделот на прогресивното оданочување веќе се направени и јавноста наскоро ќе може да дискутира за тоа колкав е минималниот доход кој ќе се оданочува со повисоката стапка на персонален данок од 18 проценти. Ако со 18 проценти се оданочи месечниот приход над 1.000 евра тоа ќе засегне 74.000 граѓани. Процентот на засегнати граѓани е многу мал, а се добива сериозен износ и тој може да се алоцира таму каде што парите се потребни. Со прогресивното оданочување точно ќе знаеме колку пари ќе добиеме, но тие пари ќе бидат строго наменски и точно ќе се знае каде ќе одат. Ако, на пример, добиеме 30 милиони евра, ќе знаеме каде да ги распоредиме, а со помош на Министерството за труд, ќе можеме да дојдеме и до еден пристоен праг на социјална помош од 12.000 денари или ќе се воведе бесплатно болничко лекување кое годишно чини седум милиони евра".
Од Министерството за финансии на премиерот треба да му дадат поинаква рамка за да може ефикасно да го брани даночниот проект кој налути многумина. Прашањето за насочувањето на средствата што би се собрале е само еден сегмент, за целата слика на реформата е потребно поинакво објаснување. Од Финансии тоа го нема, па бројот на противниците на оваа даночна реформа расте дури и меѓу групите кои не би биле опфатени со неа, затоа што тие инстинктивно се плашат дека апетитите на државата понатаму може да пораснат и даноците да се зголемат и кај оние што примаат и под илјада евра плата. Тоа е легитимно стравување. Министерот за финансии и неговите советници пропуштија уште есента една извонредна прилика да им дадат меѓународен контекст на плановите за поголемо оданочување на побогатите.
ММФ и данокот за богатите
Меѓународниот монетарен фонд лани во октомври објави извештај кој беше најубава музика за ушите на сите социјалдемократски политичари, вклучително и за македонските. Суштината на овој извештај е како да се намали драматичниот раст на нееднаквоста во светот и главната препорака е да се зголемат даноците за богатите.
ММФ го искористи својот влијателен полугодишен фискален монитор за да го побие образложението од последниве децении дека намалувањето на данокот за најбогатите е од корист на државата. „Поголемите даноци за најбогатите ќе помогне да се намали нееднаквоста без да има негативно влијание врз растот“, напиша ММФ. Фондот не сугерира какви даноци треба да се воведат за богатите, оставајќи им го тоа на земјите, но јасно напиша дека „емпириските резултати не го поддржуваат аргументот дека зголемените даноци за богатите ќе влијаат врз растот".
Владите порано се обидоа да ги направат своите општества помалку нееднакви со тоа што воведоа повисоки стапки на данок на доход на богатите за да ги искористат тие средства за помош на оние кои заработуваат помалку. Но, известува ММФ, даночните системи станаа значително помалку прогресивни во 1980-тите и 1990-тите и оттогаш се зголемува нееднаквоста. На блогот на ММФ, шефот на одделот за фискални прашања, Витор Гаспар, напиша дека просечната највисока стапка на данок на доход за богатите земји членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) падна од 62% во 1981 година на 35% во 2015 година. „Даночните системи се помалку прогресивни отколку што е наведено со законските стапки, бидејќи богатите поединци имаат повеќе пристап до даночно олеснување“, вели Гаспар на блогот. „Сметаме дека некои напредни економии можат да ја зголемат прогресивноста без да го попречат растот, сé додека прогресивноста не е прекумерна. И покрај напредокот, недостатоците во пристапот до квалитетно образование и здравствени услуги помеѓу различните групи на приходи во популацијата остануваат во многу земји“, објасни Гаспар.
Претходни колумни на авторот:
Двојазичниот модел на Шведска и Финска
Посредно поздравувајќи ја работата на познатиот француски економист Томас Пикети, фискалниот монитор на ММФ, исто така, вели дека земјите треба да размислуваат даноците за богатите да се наметнуваат на земјиште и имот.
„Прекумерната нееднаквост би можела да ја наруши социјалната кохезија, да доведе до политичка поларизација и, на крајот, да го намали економскиот раст", се заклучува во извештајот. Овој извештај на ММФ ја дава големата слика за секоја влада која сака да ги зголеми даноците на побогатите.
Вакво пледоаје му недостига на владиниот план за зголемување на даночната стапка од 10 на 18 отсто. Затоа расправата за даночната реформа се претвори во лицитирање дека со неа најмногу ќе биле погодени информатичарите кои заработуваат добро и е потребно да останат во земјава (што е вистина), потоа ќе дојдат на ред советниците за правилно вложувања во бизнисот, па банкарите и така ќе дојде редот иза други професии. Вака како што владата сака да ја претстави даночната реформа таа има повеќе шанси да пропадне отколку да успее. Или со ослободувањето на одредени групи од проектот да ја поттикне нееднаквоста и меѓу оние што зароаботуваат повеќе. На една политика која сака да успее и е потребна доследност. Наивно е да се верува дека мнозинството ќе биде задоволно од даночната реформа и дека ќе се соберат големи пари. Владата треба да покаже дека има концепт зошто ова го предлага и зошто влегува во политички ризик. Ако не успее добро да го промовира тој концепт за општа корист за државата и нејзините различни социјални групи, тогаш тој ќе пропадне, а од тоа пропаѓање ќе се роди политичката штета за неа.