10-те германски топ-градови за живот и работа
Каде има најмногу работа? Кои градови посебно добро се развиваат? Едно истражување ги стави под лупа германските градови. Резултатот покажа, успешни се првенствено центрите на автомобилската индустрија.
На врвот: Минхен
Каде се живее најдобро во Германија, каде стопанството е најсилно? Минхен веќе со години ја предводи листата на најуспешни германски градови. Добрата инфраструктура и високиот квалитет на живот повторна ја доведоа баварската престолнина на топ-позицијата. Но, за првото место треба првенствено да им заблагодари на многубројните индустриски претпријатија, како автомобилскиот производител БМВ.
Изненадување: Волфсбург
Градот од Долна Саксонија тешко може да освои награда за убавина. Но, поради динамиката, Волфсбург со своите 124.000 жители стигна на второ место. Тој е град на автомобилите во секој поглед: неговото срце чука во погоните на Фолксваген, кои со површина од 6 квадратни километри се големи колку Гибралтар. Секое работно место во Волфсубрг, директно или индиректно, зависи од Фолксваген.
Успешен и динамичен: Инголштат
Тоа што е Фолксваген за Волфсбург, за Инголштат е Ауди: баварскиот град не само што се одликува со голема економска моќ, туку последните години и многу се разви. Бројот на невработените е мал, а на инженери - голем, со овие одлики го освои третото место. Оние кои живеат таму, заработуваат натпросечно, околу 50 илјади евра годишно.
Богат и убав: Ерланген
Помалку од 3 проценти од населението на градот зависат од социјална помош, што е најниска стапка во цела Германија. Но, луѓето во Ерланген се и многу образовани, речиси две третини од учениците стекнуваат диплома за средно и вишо образование, а речиси секој трет има универзитетска диплома.
Најкреативен: Штутгарт
На петто место на најуспешните градови е престолнината на Баден Виртемберг. Тоа го постигна благодарение на својот голем пронаоѓачки дух. Со над 1.300 патенти на 100.000 жители, Штутгарт е најкреативниот град во Германија. Регионот цвета со децении. Работни места носат автомобилските производители Мерцедес и Порше, како и фабриката за електрични апарати Бош.
Продуктивен: Регенсбург
Градот на Дунав пулсира првенствено како град на мислители. Но, има многу повеќе да понуди од живописниот стар центар. Жителите на Регенсбург годишно остваруваат 75.000 евра бруто домашен производ по глава. Посебно се истакнува инфраструктурата-просечното време на возење до најблискиот автопат во Регенсбург е само 3 минути.
Креативен: Берлин
Берлин веќе подолго време е во тренд, го посетуваат туристи од цел свет, иако стопански не е многу силен. Па сепак, метрополата и економски сѐ‘ повеќе се развива. Берлин со својата креативна сцена е идеално место за интернет и компјутерската бранша. Многу големи фирми ги преместија своите седишта во престолнината. Бројот на жителите расте, за разлика од многу градови на истокот на Германија.
Град на спротивности: Франкфурт
Банкарска метропола, Мека за недвижности и град со највисока стапка на криминал во Германија. Тоа се двете лица на Франкфурт. Младите луѓе таму имаат добра перспектива, на околу 106 места за стручно образование доаѓаат 100 кандидати. Жителите на Франкфурт придонесуваат кон бруто домашниот производ со над 80.000 евра по глава на жител. Со тоа Франкфурт е трет град во Германија според продуктивност.
Убав живот на исток: Лајпциг
Уште еден град од источна Германија: Лајпциг привлекува со ниски кирии и разнолика културна сцена, но и со атрактивни работодавачи. Минатите години таму се населија и Порше, БМВ и ДХЛ. Со тоа понудата за работа порасна за 20 проценти. Така, Лајпциг се најде на петто место на најдинамичните градови во Германија.
На крајот: Рурската област
Листата на најуспешни градови ја покажува и огромната разлика меѓу германските големи градови. Далеку под сите е структурно слабата Рурска област: Гелзенкирхен, Оберхаузен и Дуисбург се борат против високата невработеност и големите долгови.