1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Започна масовната имунизација со Синофарм

ДТЗ
4 мај 2021

На списокот за вакцинирање има и 90-годишници, кои застанаа во ред за да ја примат вакцината против Ковид-19. Непречено тече вакцинацијата во седум града во земјата.

https://p.dw.com/p/3sxEC
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Деведесет годишен охриѓанец денеска се вакцинираше во новоотворениот регионален пункт во салата „Билјанини извори“ со што официјално започна масовната имунизација на населението и во внатрешноста на земјата. На список за вакцинирање е и 102 годишна штипјанка која треба да се јави на пунктот во Штип, каде исто така се спроведува имунизација на населението. По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од кинескиот производител Синофарм, од денеска започна вакцинирањето на населението во седум центри. Покрај најголемиот вакцинален центар во Скопје, сите заинтересирани ќе можат да ги примат вакцините и во пунктовите во Охрид, Битола, Куманово, Штип, Тетово и Кавадарци. Според најавите на надлежните, дневно ќе можат да се вакцинираат од 10 до 15 илјади граѓани. 

Надлежните оценуваат дека вакцинирањето се одвива непречено и организирано согласно протоколот за имунизација утврден од страна на Министерството за здравство и согласно закажаните термини. Регионалниот центар во Охрид е надлежен за вакцинација на граѓаните од општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Од општина Охрид упатија апел до сите граѓани да се регистрираат во системот и навремено да резервираат термин за вакцинација. „Вакцинацијата е единствениот начин за надминување на здравствената криза предизвикана од светската пандемија со Ковид-19“, порача градоначалникот на Охрид, Костантин Георгиевски. 

-повеќе на темата: Доаѓаат првите вакцини од ЕУ, почнува масовната вакцинација со Синофарм

Токму во Охрид изутринава се појави првиот проблем со вакцинацијата, откако волонтери од Црвениот крст информираа дека биле повикани од Здравствениот дом Охрид да се вклучат и да помогнат, но кога утрово отишле во салата биле избркани од координаторот задолжен за вакцинацијата. Образложението на надлежните е дека во спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид, која е регионален центар за масовна вакцинација, во моментов има ангажирано доволен број лица за непречено да се одвива имунизацијата. Доколку се јави потреба, во процесот ќе бидат вклучени и волонтерите. 

-повеќе на темата: ЕУ размислува да ги отвори границите за вакцинираните патници

Утрово започна и масовната имунизација на населението во источниот регион во штипската сала „Јордан Мијалков“. „Поставени се 22 вакцинални пунктови кадешто ќе се вакцинираат граѓаните. Ги повикувам сите заинтересирани граѓани да се пријават за вакцинација на веб страната vakcinacija.mk со што добијат термин и ќе бидат повикани да ја примат вакцината“, порача министерот за здравство, Венко Филипче. 

Nord-Mazedonien Corona Impgung in Skopje
Според најавите на надлежните, дневно ќе можат да се вакцинираат од 10 до 15 илјади граѓани.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Граѓаните реагираа дека има гужви пред салата „Борис Трајковски“, но тие најчесто се случуваат поради групирање на заинтересираните, кои доаѓаат за вакцинација неколку часа пред закажаниот термин. Многумина укажуваат дека примиле збунувачки пораки за вакцинација за време на празниците, коишто се испратени на погрешни броеви, но и за термини за вакцинирање коишто им биле закажани во други градови. 

-повеќе на темата: Скопјани на вакцинација во Охрид, велешани во Кавадарци

Претседателката на здружението на приватни матични лекари доктор Лидија Чолакова Дервишова, за Слободен печат тврди дека големи проблеми настануваат во системот „Мој термин“, во поглед на закажаните термини за вакцинација, поради што возрасни луѓе и пензионери, кои немаат ниту доволни приходи да патуваат, ниту имаат придружба или превоз, се закажувани да се вакцинираат во други градови. 

Сите заинтересирани граѓани  треба да се пријават за вакцинација на веб- страната vakcinacija.mk ,со што добијат термин и ќе бидат повикани да ја примат вакцината. До сега во земјава вакцина примиле над 61.000 граѓани, што е пет отсто од планиранираните 1,2 милиони. Од повозрасните граѓани со над 70 години, се вакцинирале само 20 отсто.