1.150 години од смртта на Свети Кирил
14 февруари 2019Католичката новинска агенција (КНА), чие седиште е во Бон, во својот подолг текст посветен на животот и делото на Свети Кирил, пишува:
„Кај нас двајцата словенски апостоли Кирил и Методиј кои се меѓу најважните на Источната црква (делови од христијанството чие традиционално потекло се заснова врз патријархатите Константинопол, Александрија, Антиохија и Ерусалим и кои од аспект на западната црква се наоѓаат на исток, н.з.), се речиси незнајни. И тоа и покрај тоа што папата Јован Павле Втори на Нова година 1980 ги изедначи со Бенедикт Нурсијски како заштитници и патрони на Европа и тоа во време кога на христијаните од централна и источна Европа, угнетувани од комунизмот, итно им беше потребна заштита. Христијанска Европа мора да дише со „обете белодробни крила“, гласи познатата изјава на Јован Павле Втори - на римско-латинското и словенско-византиското. Тоа е важен духовно-историски придонес кој ја ревидира широко распространетата теза за трите столба на кои се темели Европа: антиката, христијанството и германството.
Тоа што словенските апостоли не се познати во Германија има долга традиција, со оглед на тоа дека мисионерството на двајцата браќа на тамошните бискупи им било трн во око. Тие сметале дека браќата им ја одземаат територијата на нивно влијание.
Повеќе:
Ден на словенската писменост: Јазикот е наша татковина
Методиј (815/20/885), со граѓанско име Михаил, и Кирил (827/28-869), со граѓанско име Константин, потекнуваат од северот на денешна Грција, односно од Солун, кој тогаш бил втор најголем град во Византиското царство. Во 862 година браќата, кои инаку сакале да живеат во монашка повлеченост, на барање на царот Михаил Трети заминале на нивната најважна мисија - како мисионери во Моравија.
Кирил брзо открил каде е слабата страна: Словените немале сопствено писмо. „Како да пишуваме на вода?”, го прашал царот. Пред неговото заминување тој развил азбука адаптирано на гласовите на словенските јазици. Така браќата направиле преводи на најважните дела од христијанството и тоа се почетоците на словенското писмо. Од списите на Кирил неговите ученици подоцна ја измислиле кириличната азбука, која и натаму се користи од Балканот до Русија.
Кирил и Методиј својата мисија ја реализирале на јазикот на народот, метод со кој биле векови пред своето време. На наметнатиот римско-германски менталитет на западните мисионери Словените претходно силно се спротиставувале. Во обраќање пред папата Константин во 867 година Константин успешно го одбранил правото на Словените да проповедаат христијанство на сопствениот јазик.
Константин починал на 14 февруари 869 година во Рим. Пред својата смрт го примил името Кирил и станал монах. Постариот брат Методиј бил испратен како пратеник на папата за словенските земји, како што тоа 130 години претходно бил „апостолот на Германците“, Бонифациј. Формирањето на словенска црковна провинција бил камен темелник за придобивање на словенскиот свет за христијанството. Во 885 година починал и Методиј во Велерад, каде со него работеле околу 200 ученици и црковни лица. По неговата смрт мисијата била прекината. Политичките ветришта веелее на друга страна, само моралниот авторитет на Методиј ја одржувал словенската мисија во живот. Учениците се распрскале на сите страни, а трајни корени делото на двајцата просветители пуштило прво во Бугарија. Таму царот Борис им дал на учениците на Методиј ново место за работа во Охрид, денес макеоднски град. Од таму „кириличната азбука“ го однесла христијанството преку Романија сѐ до Киевска Русија (средновековно царство, н.з.) и преку Москва сѐ до длабочините на денешна Русија.
Со својата верност кон латинските, византиските, западните и источните традиции Кирил и Методиј делувале уште во тоа време екуменски, во време кога христијаните на Истокот и Западот имале само една црква. Тоа што христијанската порака ја направиле разбирлива за словенските уши и вовеле литургија на словенските јазици, е основа за подоцнежното врзување кон Рим од страна и на други народи, како Чесите и Словаците.“