1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„12 и 5“ за македонското новинарство

Катерина Блажевска3 мај 2014

Светскиот ден на слободата на медиумите, 3. Мај, новинарите во Македонија го дочекуваат длабоко поделени, со загрозена слобода на изразување, ниски професионални стандарди и економска зависност.

https://p.dw.com/p/1BtBe
Фотографија: DW/P. Stojanovski

До пред некоја година, точно „во пет до 12“ новинарите предупредуваа за лошите трендови кои и‘ се закануваа на главната есенција на новинарската професија - слободата. Денеска, на Светскиот ден на слободата на медиумите, симболично ќе се огласат „во 12 и 5“, во знак на протест поради она што е во голема мера изгубено. Новинари, невладини активисти и синдикалци, за слободата во медиумите денеска ќе говорат во Паркот на новинарите. Поранешната градоначалничка на општина Центар, Виолета Аларова, и самата новинар по професија, веројатно била голем „визионер“ кога во нејзиниот мандат го изгради тоа мало паркче на аголот спроти некогашниот Дом на печатот, во кој денес удобно се сместени не новинари – туку, каква симболика(!) - државни службеници од некои министерства. На новинарите, кои се‘ повеќе ги пополнуваат статистичките графи за невработеност, денес, за жал, се‘ повеќе им припаѓаат дебелите сенки и дрвените клупи во Паркот на новинарите, со вклучен „поглед“ кон Домот на печатот, како потсетување на времето кога печатот, и генерално новинарството, навистина нешто значеше.

Битка за стандарди

Состојбата не е од вчера, а и причините што доведоа до неа, се добро познати. Желбата на сите власти досега да завладеат и да го контролираат медиумскиот простор, но и слабиот имунитет и отпор на новинарите против таквиот притисок, дадоа резултати. Дијагнозата за степенот на изгубената слобода секоја година ја повторуваат разни меѓународни организации, но проблемот е што во новинарската заедница во Македонија е изгубена вербата дека било што може да се промени, пред се‘ поради економската зависност на новинарите од сопствениците на медиумите, кои, или се во коалиција со властите, или се нејзини директни претставници. Во таквиот маѓепсан круг, никој не гледа излез. Слаѓана Димишкова, претседателка на Македонската асоцијација на медиуми (МАН) се согласува дека состојбата е тешка, но вели мора да продолжи битката за стандардите.

Tomislav Kezarovski Skopje Mazedonien Strafprozess
На удар- од судењето на новинарот Томислав Кежаровски-Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Во Македонија слободата на медиумите се движи во рамки на, ако може така да се рече, регионалните стандарди, но е под европските. Она што е клучно, а што недостига, е самостојноста на новинарот, а таа се обезбедува со регулирање на неговиот статус во самиот медиум. Исто е и за уредниците. Во медиумите мора да има реални уредувачки тимови, уредници со права и обврски во креирање на уредувачката политика. Трендот во Македонија е во сосема спротивна насока. Сликата се потполнува според онаа, на англискиот филозоф, Томас Хобс, 'човек на човека е волк' или преведено во денешната ситуација - 'новинар на новинар му е волк'. Тоа е линијата на судир меѓу новинарите. Тоа, пак, е така главно поради политичко-партиската индоктринација на новинарите. Ако нема единство во фелата, како тогаш може некој да бара да го почитуваат од надвор и да имаат коректен однос кон него. Притоа, единството не подразбира сите да имаат исто мислење, туку единство во борба за почитување на стандардите. Во таа борба треба да придонесе секој поединечно. Клучот е во поголема свест кај поединците-новинарите. Да, тешко е, но мора да чекориме по тој пат“, порачува Димишкова

Економска зависност

Новинарската слобода во најголема мера зависи од економската слобода, а токму вторава, не е иманентна за најголемиот број новинари од земјата. Низок економско-социјален статус, несигурна работа, страв од отказ, цензура и мобинг - тоа е секојдневието на вработените во медиумите. Ова го покажа истражувањето што за потребите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), го спроведе Агенцијата „М – проспект“ на примерок од 300 испитанци, од кои 98 отсто се новинари. Според резултатите од истражувањето, една четвртина (27%) од испитаниците практично се без ангажман или работат „на парче“. Од оние кои се вработени, 90 отсто не се задоволни од надоместот за нивната работа, а само десет отсто сметаат дека се соодветно наградени за трудот. При рангирање на најчестите форми на притисок, 49% ги истакнале заканите со отказ и паричните казни, 24% директната цензура, 16% мобингот, а осум отсто притисокот преку корумпирање - бесплатни телефони, дневници и други погодности. Дури 65 отсто од испитаниците изјавиле дека се соочиле со цензура, а 53 отсто дека практикуваат автоцензура. Околу 60% имаат искуство со мобинг, како жртви или како сведоци. Резултатите се алармантни и по прашањето за новинарската слобода и интегритет. Една третина од испитаниците (36 %) биле жртви или сведоци на ситуација кога новинар морал да потпише туѓ текст. На скала од 1 до 5, улогата на уредникот за одбрана на вработените е оценета со 3. Оценка (3,4) е добиена за ставот дека уредникот ги брани интересите на одредени центри на моќ, а дури 50 отсто сметаат дека уредникот во целост ги брани интересите на менаџментот, со оценка 4,1. Резулатите од анкетата покажуваат исклучително песимистичка перцепција за трендовите во новинарството: дури 83 отсто сметаат дека состојбата се влошува, за 14 отсто останува иста, а само три отсто сметаат дека се подобрува.

Профил на македонскиот новинар

Според овие резултати, сликата за денешниот македонски новинар е далеку од посакуваната перцепција за економски и професионално независна личност, храбар и љубопитен истражувач на општествено секојдневие. Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ, која секојдневно се соочува со работните и социо-економски проблеми на членовите на Синдикатот, има јасна слика за профилот на македонскиот новинар денес.

„Работи со договор на 6 месеци. Неговата професионална амбиција се исцрпува со продолжување на договорот или избегнување отказ, кој може да дојде секојдневно - по електронска или телефонска порака, со одлука на ’некој одгоре’, со купување или затворање на медиумот. Професионални амбиции нема, затоа што напредувањето не му зависи од работата, туку од места 'лоцирани' надвор од редакцијата. Платата му е 15.000 денари, задолжен е на картички, зема кредит да ги покрие. Живее во целосна професионална неизвесност. Одамна не предлага теми што некогаш со задоволство би ги работел, за да не го навлече бесот на главниот уредник, ако предлогот биде доживеан како од 'другата страна'. Во адресарот експертите му се поделени на 'провладини' и 'опозициски' и секогаш знае кого да бара. Брифинзите и изјавите ги добива по телефон, затоа што нема пари за кафиња и такси. Не се скандализира што крупни теми се премолчуваат. Не се бунтува што одамна е избришана границата помеѓу уредувањето и пропагирањето. Не се гордее од својата редакција. Не се идентификува со нејзината уредувачка политика. Веќе сменил три редакции и констатира дека секаде е исто. Уморен е и разочаран. Секој обид за бунтување ги доживува како навреда. Сведок е колку многу кариери се граделе врз неговиот, веќе замрен професионален ентузијазам. Размислува каде би можел да се вработи, за засекогаш да го напушти новинарството“, со жалење констатира Чаусидис.

Велам - слобода!

Меѓу 197 земји, Македонија годинава се најде на 122. место на листата на „Фридом хаус“ за слободата на медиуми, со статус на делумно слободна земја, што е пад за две места во однос на лани. Петрит Сарачини, новинар, потсетува дека тоа не е единствениот индикатор.

Symbolbild Interview Presse
Фотографија: Fotolia/wellphoto

„Медиумските слободи во Македонија се урнисани. Видете го извештајот на ОДИХР кој зборува како медиумите известуваа за изборите, или извештајот на Репортери без граници и 123. место на индексот на слобода, најниско досега во историјата на Македонија. Погледнете ги извештаите на Европската комисија, на Советот на Европа, на Стејт департментот, на Меѓународната федерација на новинари и многу други. Сите зборуваат за драстичен пад на медиумските слободи и за директното влијание на власта врз уредувачката политика на највлијателните медиуми преку рекламите плаќани од пари на граѓаните, за неправедниот притвор за Кежаровски, за притисоци и закани кон новинари и медиуми, за зависноста на јавниот сервис, за се‘присутниот говор на омраза. Ни претстои тешка борба за повторно освојување на правото на слободно изразување. Во неа новинарите и граѓаните ќе треба да се потпрат на сопствените сили, бидејќи се покажа дека институциите се целосно узурпирани и не реагираат на очигледните прекршувања во оваа сфера, а меѓународниот фактор одамна не успева да изврши посериозно влијание врз властите за да го променат својот пристап кон медиумите. Среќна околност е демонстрирањето на се‘ поголема солидарност меѓу новинарите во последно време, што може да придонесе за зголемување на притисокот на јавноста и некаков напредок во оваа сфера. Сепак, не сум оптимист дека било што во овој контекст може значајно да се подобри во скоро време“, оценува Сарчини.

Тој е член на музичкиот бенд „Рипортерс“ во кој, покрај него, и другите членови се новинари - Борјан Јовановски, Миле Бошњаковски, Стојан Трпчевски, Жарко Димитриоски и Драган Антоновски. Првиот концерт го одржаа во 2010. година, на иницијатива на амбасата на САД, кога во ист ден се одржаа концерти во десетици земји во светот, во чест на Даниел Перл, американски новинар кој загина во Авганистан. Текстот за првата песна на „Рипортерс“, со наслов „Слобода“ го напиша новинарката Сашка Цветковска. До денес, бендот создаде седум рок-песни кои се најдоа на првиот албум што ќе биде промовиран на 6 мај во Клубот на новинарите. Ќе следат неколку настапи низ Македонија, а средствата собрани од продажба на влезниците и на цедето, ќе влезат во солидарниот фонд на ССНМ.

„Tолку врева, а толку многу тишина,

гласот се крева, нова лажна вистина...

Во овие времиња кога се‘ е тишина,

во овие времиња, ти велам - слобода!“

Ова се дел од стиховите на песната “Слобода“, низ кои бендот повикува на враќање на изгубените вредности во професијата. За слободата, но не низ песна, туку преку соопштение, повика и високата претставничка за надворешна политика и одбрана на ЕУ, Кетрин Ештон.

„Слободните и независни медиуми претставуваат еден од основните темели на демократското општество, бидејќи го олеснуваат слободниот проток на информации и идеи и обезбедуваат транспарентност и одговорност“, порача Ештон. Во соопштението по повод Светскиот ден на слободата на медиумите, ЕУ ги повика сите влади да се придржуваат кон меѓународните норми и да прекинат со заплашувањето, вознемирувањето, цензурирањето и произволното приведување на новинарите.