1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

1359 мигранти под ведро небо

Драган Максимовиќ
23 декември 2020

„Каде ќе одиме сега, кажете ми каде да одиме? Добивме пакет за ручек и вреќа за спиење и тоа е тоа“, вели Халим од Пакистан.

https://p.dw.com/p/3nArm
 Bosnien und Herzegowina I Schliessung des Migrantenlagers Lipa in Bihac
Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

Иако се веруваше дека ќе се постигне некакво преодно решение во врска со мигрантите кои ја напуштаат Липа додека кампот не биде подготвен за зимата, тоа не се случи. Меѓународната организација за миграција (ИОМ) го напушти кампот утрово, како што беше најавено, а мигрантите потоа запалија неколку објекти внатре во кампот.

- повеќе на темата: Додека ЕП се кара за илегалните протерувања, на Балканот се зголемува бројот на илегални мигранти

„Не знаеме кој ги запали, само истрчавме надвор со нашите работи. Каде ќе одиме сега, кажете ми каде да одиме? Дали ќе одиме во Сараево, или во Бихаќ? Добивме пакет за ручек и вреќа за спиење и тоа е тоа“, вели Халим од Пакистан, кој се упати кон автопатот Бихаќ-Босански Петровац, надевајќи се дека некој ќе го упати на нова локација, како и другите мигранти кои се под ведро небо. 

Се чини дека мигрантите ќе останат под отворено небо, имајќи предвид дека Оперативната група за следење на состојбата со мигрантската криза на Унско-санскиот кантон ја отфрли инструкцијата за префрлање мигранти во Бира. Питер Ван дер Оверарт, кој утрово го посети кампот, ја оцени ситуацијата како драматична и рече дека ИОМ нема друг избор, имајќи предвид дека нема услови за понатамошен престој на мигрантите.

 Bosnien und Herzegowina I Schliessung des Migrantenlagers Lipa in Bihac
Ситуацијата во кампот со мигранти е драматична Фотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Колку што знаеме во моментов, група поранешни жители запалија три шатори и контејнери откако повеќето од мигрантите го напуштија кампот“, рече шефот на ИОМ, додавајќи дека нема жртви, но дека тоа е катастрофа.

„Ова е ужасен ден за мигрантите. Имаме 1359 мигранти кои немаат никакви услови за живот. Исто така, ужасен ден за населението во Унско-санскиот кантон“, рече Оверарт.

Населението не сака мигранти 

Собранието на Унско-санскиот кантон денеска исто така го отфрли упатството на Министерството за безбедност на БиХ за трансфер на мигранти во Бира. Тие исто така донесоа заклучок во кој сите релевантни институции на кантонот се задолжени да се заштити безбедносната состојба. И населението на Унско-санскиот кантон остро се спротивставува на враќањето на мигрантите во Бира, поранешен центар за прием во Бихаќ. Тие веќе два месеца се собираат пред Бира секој ден, за да спречат евентуално враќање на мигрантите, а го спречија и вчерашниот обид за пренесување на три автобуси со мигранти.

-повеќе на темата: 99 проценти од балканските мигранти немаат шанси

„Знаев дека тоа ќе се случи кога-тогаш. За среќа, има граѓани кои се подготвени секој ден да ги бранат сите оние одлуки на законодавниот дом, кои не им дозволуваат на мигрантите да се вратат во Бира. Жителите на Бихаќ нема да дозволат мигрантите да се вратат по секоја цена“, велат граѓаните на Бихаќ, кои секој ден остануваат пред Бира со цел да спречат враќање на мигрантите.

Ништо не може насила

„Таквиот чин на Министерството за безбедност, кој беше донесен насила, дополнително ја комплицираше безбедносната состојба во кантонот и предизвика уште посилна реакција на граѓаните“, рече Мустафа Ружниќ, премиер на Унско-санскиот кантон, откако доби инструкции за префрлање на мигрантите.

Од друга страна, министерот за безбедност на БиХ, Селмо Цикотиќ, потсети дека премиерот е најодговорен кога станува збор за безбедноста во кантонот, и доколу не ги прифатат упаствата, тогаш ќе се знае кој е одговорен. Сепак, кантоналните власти наведуваат дека, со оглед на тоа што кампот Липа не е прилагоден за сместување изминатите девет месеци, тоа нема да се случи ниту во наредниот период. Јасно е, вели советникот на градоначалникот на Бихаќ, Един Морањкиќ, дека станува збор за измама.

 Bosnien und Herzegowina I Schliessung des Migrantenlagers Lipa in Bihac
1.500 мигранти, вклучувајќи жени и деца, се веќе оставени сами во шумските камповиФотографија: Dragan Maksimovic/DW

„Ако електричната енергија не е вклучена од април, тогаш можете да замислите кога ќе биде завршено се'. Во актот којшто пристигна не се зборува за три или четири месеци, туку до завршување на градежните работи, кои можат да траат во недоглед. Ние тоа не го прифаќаме“, вели Морањкиќ.

ОН се загрижени

Реагираше и мисијата на ОН во БиХ, изразувајќи загриженост за недостигот на прифатливи решенија за зимско опремување на привремениот прифатен центар Липа во Унско-санскиот кантон.

„Со најмалку дополнителни 1.500 мигранти, вклучувајќи жени и деца, кои се веќе оставени сами во шумските кампови, претежно во Унско-санскиот кантон, недостигот на итни решенија го доведува вкупниот проценет број на луѓе на кои им е потребна хуманитарна помош на 3.000“, соопшти Мисијата на ОН во БиХ. Тие предупредуваат дека е потребна итна акција за да се обезбеди подобро управување со мигрантската криза.