15 години самостојност на Хрватска и Словенија
15 јануари 2007Интеграцијата во ЕУ и НАТО и подобар живот за граѓаните е историска одговорност за сите оние кои ги дадоа животите за независност на Хрватска. Со ваква порака државниот врв на Хрватска на свечена седница ја одбележа 15 годишнината од независноста. На свеченоста беа присутни претседателот Стипе Месиќ, премиерот Иво Санадер и претседателот на Саборот, Владимир Шекс.
Претсдетлот Месиќ нагласи дека членството во ЕУ на Хрватска и е на дофат на рацете и ја повика владата отворено и вистинито да ги информира граѓаните за евроатлантските интеграциски процеси. Месиќ повика на признавање на сите грешки од минатото и насочување кон политика за поголема економска стабилност. Грчкиот премиер Костас Караманлис, како преставник на една од 12 земји кои пред 15 години први ја признаа независна Хрватска, нагласи дека земјата остварила значаен напредок во демократијата и мирот и стабилноста во регионот.
Словенија на 15 годишнината од независноста го прославува и официјалното воведување на еврото како единствена валута. Толарот заминува во историјата. Попладнево во оваа чест ќе биде одржана свеченост на која ќе присуствуваат канцеларот на Германија и претседавач со унијата, Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо. Шефот на словенечката дипломатија Димитриј Рупел изјави дека Словенија по повеќе години заробеност во туѓи државно политички, културни и економски рамки, за 15 години успеала да биде дел од евроатлантските процеси и евро зоната.
На прославата ќе присуствуваат и уште осум шефови на влади на земји членки на Унијата, како и шефот на европската централна банка Жан Клод Трише и претседателот на еврогрупата Жан Клод Јункер.