20 години од првиот смартфон
Милијарди луѓе ширум светот не можат да си го замислат животот без смартфон.Поминаа точно 20 години откако првиот таков телефон се појави на пазарот. Во Македонија, во меѓувреме, во оптек се над два милиони мобилни уреди
Импресивен диносаурус
Вака изгледаше првиот смартфон. Овој уред беше произведуван од Нокиа и го носеше името 9000 Комуникатор (9000 Communicator). За прв пат во историјата мобилен телефон имаше функции како персонален компјутер. На „малата направа“ можеше да се користи канцелариски софтвер, да се „сурфа“ на интернет, а имаше и опција за факс. Продажбата започна на 15 август 1996 година, а цената изнесуваше 1.400 евра.
Модерен и моќен
Во наредните десетина години модерните смартфони забележаа значителен развој. Денес тие тежат помалку, а се способни да извршуваат многу повеќе функции за многу брзо време. Имено, денешните смартфони имаат поголем капацитет за компјутерски операции и пресметки од компјутерите кои биле користени од мисијата на Аполо 11 за слетување на месечината.
Неочекувани ефекти
Постојат илјадници апликации кои придонесуваат на корисниците на смартфоните никогаш да не им биде здодевно. Дел од нив се особено корисни за државните органи. Властите во Индонезија користат донирани уреди за да откријат нелегално сечење на дрва преку апликација која постојано „слуша“, а кога ќе „чуе“ звук на моторни пили веднаш испраќа известуавње.
Телефонот како метеоролог
Истражувачите од мрежата „OpenSignal“ открија дека сензорите кои се наоѓаат во Андроид паметните телефони, а кои се користат за мерење на температурата на батеријата, интензитетот на светлината, како и сензорите за притисок - можат да бидат искористени за добивање на прецизни метеоролошки извештаи.
Моќта е во урината
Научници од Бристол, Англија креираа уред кој со помош на човечката урина може да генерира електрична струја. Со 600 милилитри урина може да се добие доволно електрична енергија за 3 часа разговор. Исто така, кога сме веќе на темата смартфони и тоалети – речиси 100.000 смартфони годишно паѓаат во тоалетите на Британците.
Роаминг
Селин Еронс од Јужна Флорида се најде на насловните страници откако пред неколку години ја доби највисоката телефонска сметка во историјата. Таа мораше да плати 201.000 долари по интензивната смс-комуникација за време на нејзиниот одмор во Канада.
Надминати очекувања
Денес има 1.9 милијарди корисници на смартфони во светот и тој број постојано расте. Во глобални рамки, само во првиот квартал од оваа година биле продадени 349 милиони уреди, што споредено со истиот квартал минатата година изнесува зголемување за 3.9 проценти. Најпродаваниот телефон е Самсунг Галакси С7, по што следуваат Ајфон 6с и 6с Плус.