1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2021: Најтоплото лето во Европа

ЕМФ | агенции
22 април 2022

Минатото лето во Европа било најтоплото лето откако е почнато со мерење на температурите.

https://p.dw.com/p/4AJYV
Symbolfoto Sommerliche Temperaturen
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Рекордни горештини, огромни дождови и уништувачки пожари - 2021-ва во Европа беше година на екстремни временски прилики.

Летото 2021-ва било за еден степен потопло од просекот на температурите во периодот 1991-2020 година, стои во годишниот извештај на Програмата на Европската унија за набљудување на Земјата, Коперникус.

Коперникус објавува извештаи за температурата на воздухот, за состојбата со мразот во морињата и хидролошкиот циклус. Притоа, Коперникус користи податоци од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици на Земјата, како и пресметки и проекции.

Истражувачите под лупа ги имаат ставено икатастрофалните поплави во германските покраини Рајнланд-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија, во кои животот го загубија повеќе од 180 лица. Како што се вели, до катастрофа дошло и поради тоа што во неделите претходно веќе паднало големо количество дожд, па почвата веќе не можела да ја впива водата.

Тешко е ваквите настани да се припишат недвосмислено на климатските промени, изјави водечката авторка на извештајот, Фреја Вамборг. „Но, знаеме дека во еден вжештен свет сѐ повеќе ќе бидеме сведоци на вакви настани“.

Минатата година е зголемен уделот на штетни гасови во атмосферата на Земјата, кои се решавачки фактор за затоплување на планетата, особено уделот на метанот, стои во извештајот. Тој останува пократко во атмосферата, но затоа е уште поштетен од ЦО2, а се создава, на пример, во земјоделството, на депонии, или во индустријата за нафта и гас.

Научниците се единствени во ставот дека само со ограничување на глобалното затоплување до максимум 1,5 степени во споредба со прединдустриското време, би можеле да се избегнат катастрофални последици од промената на климата. Досега, напорите на државите за заштита на климата се далеку од доволни за остварување на зацртаните цели.