1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

3:0 во гости

1 ноември 2017

СДСМ цути. ВМРО тоне. ДУИ вегетира. Другите се фатени во орото и немаат многу маневарски простор. Но проектите кое ни следат се комплицирани, а за таа игра не сум сигурен дека е доволен само победникот.

https://p.dw.com/p/2mrDy
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Како што се очекуваше, СДСМ резолутно го доби и вториот круг на локалните избори.  Со тоа, се заврши пост-транзициското салдо на политичките промени кои почнаа со парламентарните избори.  Ваквиот резултат, победа во гости, ќе донесе политички простор за маневар во периодот кој следи, но тој период паралелно ќе биде оптоварен со еволуцијата на политичките турбуленции во без малку сите партии.  Имајќи предвид дека шансата за забрзување на евроатлантските интеграции е минлива, се поставува прашањето дали двата процеса се воопшто комплементарни, односно дали е возможно да се направи пробив на тоа поле, се додека партиите се во оваа транзиторна фаза.  Клучната дилема е, дали, со оглед на кусото време кое стои на располагање, воопшто има смисла да се инсистира на национален консензус (кој е возможен само со реформа на ВМРО ДПМНЕ), или е посигурно да се стави се на конто на СДСМ, која единствена во моментов е во залет.

Една од главните пораки после вториот круг на локалните избори е дека духот на заедништво, на кохезија и на крос-етничка соработка, скоро секаде го победи ретроградниот наратив.  Тоа е охрабрувачки коментар за менталното здравје на општеството: гласачите секаде предност им дадоа на кандидатите кои беа прифатливи и за другите етнички блокови, а предизборната соработка на СДСМ и ДУИ ги одвеа стравовите дека поддржувачите на овие партии не би прифатиле ваков спој.  Тоа отвора простор за посериозна реформа на политичката сцена, која нужно би водела кон предизборни коалиции врз програмска основа, а без оглед на етничката припадност.  Во основа, електорат на овие избори се подели на оние кои го поддржуваат мултикултурниот напредок и евроатлантските интеграции (како симплификација на општиот наратив), и оние кои се противат на тоа.  Без исклучок, оние кои не го поддржаа овој наратив (вклучително Села и БЕСА), со таквиот потег изгубија.

Mazedonien Kommunalwahlen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Сериозна доза на горчина

Делумниот проблем притоа беше што СДСМ, за разлика од владината коалиција каде има место за сите, овој пат мораше да избере на кој градоначалник ќе се клади. ДУИ го искористи ова со политички маневар да ја засили својата симбиоза со СДСМ на сметка на другите албански партии, и тој проект им успеа, иако сум сигурен дека со сериозна доза на горчина го голтаат фактот дека за изборната победа имаат да му заблагодарат на Заев (ако тоа може да се нарече победа, зашто разликата во гласови во сите клучни општини – Струга, Тетово, Чаир е вкупно околу 2000 гласа).  Во таа смисла, ДУИ ја нема завршено својата партиска криза, и треба дополнително да работи на рехабилитација на својот автохтон наратив кој беше упропастен во времето на нивната коалиција со ВМРО ДПМНЕ.  Оваа победа сега е значајна, зашто го поткрепува сознанието дека се на вистинска страна, но сепак претставува аванс кој им го позајмува СДСМ, а за кој ќе треба дополнително да се испотат во текот на мандатот ако сакаат трајно да се рехабилитираат.

Иако во ДУИ сигурно има горчина, односно посреќни би биле ако победата не им зависеше од СДСМ, сигурен сум дека нервозата е далеку поголема кај Алијансата за Албанците и БЕСА.  Прашање е дали тоа, особено во случајот кај Села, кој имаше доста остра позиција после изборите, ќе рефлектира на владината коалиција. Јас мислам дека шансите за таква дестабилизација се мали. Прво, мислам дека Села бил свесен, или морал да биде, дека постои барем делумен конфликт помеѓу неговото учество на локалните избори, и поддршката на Заев за ДУИ, и дека таквиот можен исход е калкулиран, и дека сегашното дигање глас е всушност, обид за покачување на вредноста, т.е. цената на Алијансата во коалицијата.  Второ, неговото напуштање на коалицијата нема да го ослабне мнозинството, зашто по сите најави, релативно лесно ќе се надоместат изгубените пратеници, што од ДПА, што од растурањето на коалицијата околу ВМРО ДПМНЕ.  Трето, имајќи ја предвид активната поддршка на меѓународната заедница за проектот кој следи, мислам дека притисокот за стабилизација на мнозинството ќе биде голем.  На крајот, едноставно нема простор за уцена на Заев во моментов, зашто возот оди во негов правец, и оние кои би скокнале од него нема да го запрат, туку ќе останат оставени сами на перонот.  Напротив, развојот најверојатно ќе оди во правец на окрупнување на мнозинството а не на раситнување.  атоа не ми е јасна заканата ниту од Села, ниту од ВМРО ДПМНЕ: ќе испровоцираме избори на кои Заев ќе биде уште посилен, а ние уште послаби? 

Единствената логична опција

Затоа мислам дека и барањето за нови парламентарни избори од ВМРО ДПМНЕ е блеф.  На страна дека мантрата со која таа партија во моментов настапува е аутистична, нелогична: Груевски не би требало да сака нова потврда на победата на СДСМ, зашто таа, ако сега се одржат нови избори, ќе биде уште појака.  Напротив, имам впечаток дека неговото поведение повеќе личи на барикадирање во сопствената партија, одбрана од интерните реформи, и обид преку бункер варијанта да се факторизира за оној период кога ВМРО ДПМНЕ ќе биде неопходна во спроведувањето на итните реформски приоритети или во процесот на евроатлантски интеграции. Тоа е единствена логична опција за Груевски во моментов, иако реалноста, кога се ќе ви тргне по удолница, има непријатна навика да ве изненади онаму каде најмалку очекувате.

Тука е конечно и суштината на проблемот кој се наѕира во наредниот период.  Дали, и како, се возможни политичките проекти кои ни следат со вакво ВМРО ДПМНЕ?  За жал, скоро никако.  ВМРО ДМНЕ брзо ќе дојде во позиција на целосно уништен бренд, од каде полесно е да направиш нов одошто да го поправиш стариот.  Иако крајната дестинација на партијата е позната, таа нужно ќе мора да се реформира, и тоа во насока на отворање кон новиот општ наратив, динамиката на оваа реформа, ако бидат оставени сами на себе, е недоволна.  Две опции постојат, ако сакаме проектите да успеат брзо: или ВМРО ДПМНЕ со надворешна интервенција ќе се ребрендира целосно, па ќе застане зад реформите и евроатлантските интеграции, или ќе мора да стане толку ирелевантна што нивното противење ќе биде безначајно.  Ова се реперкуира врз две оски: реформите кои мораат да поминат во собранието и нивниот капацитет да мобилизираат јавност.  Во јавноста е полесно, таа е побрза – ако ВМРО ДПМНЕ остане одвоена од реалноста, јавноста секако се помалку ќе им обрнува внимание.  Но во собранието позициите се фиксни до нови избори, и таму ќе биде неопходен некаков дополнителен инженеринг. 

На крајот, да не заборавиме дека на ВМРО ДПМНЕ им следува правда, која е неопходна не заради Заев, туку заради општеството, што секако оди во прилог на тезата дека понекогаш нештото мора да се уништи, за да се создаде.